Младите да бидат особено внимателни на дезинформации пред избори
Сајбер-безбедноста, информираноста, дезинформациите и странското влијание врз изборните процеси беа во фокусот на дебатата што се одржа на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. На настанот учествуваа претставници од Државната изборна комисија (ДИК) и Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти (МКД-ЦИРТ).
Студентите да внимаваат од кои извори се информираат за изборите и изборниот процес, им порача Радица Тодоровска-Алексовска од ДИК, нагласувајќи дека за официјални и проверени информации секогаш треба да ја користат интернет-страницата на ДИК.
Искуствата од претходни сајбер-напади, особено со случајот од 2020 година, кога интернет-страницата на ДИК беше нападната токму во моментите на пребројување на гласовите, сподели Адмир Шабани.
Бројот на сајбер-напади се зголемува за време на избори, посочи Севдали Селмани од МКД-ЦИРТ. Според него, овие напади најчесто доаѓаат од странство, а целите се економска корист и политичко влијание. Особено е важно младите да внимаваат каде ги оставаат своите лични податоци, да користат мултифакторска автентикација и да внимаваат што отвораат на интернет.
Селмани додаде дека за безбедно користење на интернет, младите треба да користат долги и сложени лозинки.
Учесниците на дебатата ги охрабрија студентите да ги користат достапните интернет-ресурси, онлајн обуки и квизови, кои се дел од интернет страниците на овие институции преку кои можат да стекнат поголеми знаења за изборниот процес, но и опасностите во интернет просторот.








