Медиумите во Македонија се цел на стратешки манипулации
Наместо цензура, потребни се засилена независност, транспарентно финансирање и примена на европската регулатива за градење отпорност против странските влијанија.
Замислете ситуација во која една неточна вест, поткрепена со манипулирани видеа и стари фотографии, за само неколку часа станува доминантна тема во државата. Додека новинарите се обидуваат да ја проверат вистината, алгоритмите на социјалните мрежи ја шират лагата до илјадници граѓани и до вечерта веќе има протести пред институциите. Ова не е само теоретско сценарио, туку секојдневие во медиумскиот дигитален свет.
Токму за системските слабости што овозможуваат вакви влијанија и за начините на градење медиумска отпорност, се разговараше на панел-дискусијата „Од инциденти до системски ризици: надворешните влијанија како тест за медиумската отпорност“, организирана од Институтот за комуникациски студии (ИКС). Пораката беше јасна: Одговорот не треба да се бара во воведување на цензура, туку во засилување на независноста на медиумите и примена на евроспката регулатива.
Координираните напади врз медиумите-закана за демократијата
Македонскиот медиумски простор сè почесто е цел на манипулации, осмислени и координирани напади што директно влијаат врз демократските процеси. Не станува збор за изолирани напади, туку за операции со стратешка цел –да влијаат врз јавното мислење, да ја нарушат довербата во медиумите и индиректно да влијаат врз изборните процеси.
Експертите предупредуваат дека ваквите напади врз медиумите не треба да се третираат како обични ИТ-инциденти. Иако најчесто започнуваат со хакирање веб-страници, компромитирање профили или злоупотреба на дигитални платформи, нивното влијание може да биде многу пошироко. По завршувањето на техничкиот напад, често следува нова фаза – ширење дезинформации, маниупалции со содржини и поттикнување недоверба кај публиката. На овој начин класичниот кибер инцидент се трансформира во информациска операција со потенцијал да предизвика сериозна штета за јавниот дискурс и демократските процеси.
Природата на нападите и причините за ваквата ранливост се претставени во документот за јавни политики „Медиумскиот екосистем и странското мешање и манипулирање со информации“, а клучните поенти и препораки од публикацијата којaшто се заснова на европскиот модел на т.н. Матрица на изложеност (FIMI Exposure Matrix) ги презентираа нејзините автори вон. проф. д-р Марина Тунева и д-р Драган Секуловски.
Секуловски објасни дека странското мешање и манипулирање со информациите не е само објава на некој политичар или прилог на ТВ, туку подразбира „организирано користење на повеќе платформи и канали со цел, на среден или долг рок, одредена влада, институција или медиум да се прикажат како некомпетентни или дека немаат капацитет“.
Причините за ваквата ранливост се комплексни. Секуловски ги издвои: нетранспарентната сопственост на онлајн медиумите, недостастатокот на „меко управување“, со што фокусот би бил на градење отпорност, а не на репресија, слаба координација меѓу институциите, бавна реакција на објави на социјалните мрежи и нецелосна примена на европските дигитални акти. Проблемите, како што се финансиските притисоци и кадровскиот дефицит, дополнително ја зголемуваат изложеноста на медиумите на странски влијанија.
Клучните препораки од анализата ги претстави Марина Тунева, нагласувајќи дека целта на предложените мерки не е цензура, туку заштита на слободата на изразување и медиумскиот плурализам.
Таа истакна дека темата за странското мешање и манипулирање со информациите долго време се споменува фрагментарно, но ретко се отвора како системско прашање што бара координиран одговор. Според неа, дијагнозата на проблемот е јасна – постојат правни и институционални празнини, како и слабости во медиумскиот систем – но потребен е заеднички пристап за нивно надминување.
Според анализата, потребен е долгорочен пристап заснован на пет стратешки столба: вградување јасна дефиниција и пристап за СММИ во клучните национални политики и стратегии, јакнење на улогата на јавниот сервис, зголемување на транспарентноста во медиумскиот сектор и кај државните органи, да се поттикне мултисекторска соработка меѓу медиумите, безбедносниот сектор, граѓанското општество и да се воспостави интегриран систем.
Изборите – рај за „фантомските“ медиуми
Еден од најважните сегменти на дискусијата беше посветен на начинот на кој државата индиректно го финансира медиумскиот хаос – што е најризично за време на избори кога се пласираат дезинформации за да се постигне одредена политичка цел.
Зоран Трајчевски, директор на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), ги сподели податоците за порталите кои во последните изборни циклуси „никнуваат“ само за да добијат буџетски пари. Додека во Регистарот на АВМУ се евидентирани околу 50 онлајн медиуми, во Државната изборна комисија за време на избори се регистрираат и по 240 портали, што значи дека во изборен циклус се појавуваат дополнителни 180 портали, основани само неколку дена пред изборите, и кои згаснуваат веднаш по нивното завршување. Секој од нив може да добие и до 15.000 евра од учесник во изборниот процес за политичко рекламирање.
Пари добиваат и портали регистрирани во странство – во Косово, Албанија, Србија, па дури и Данска кои воопшто немаат информативни содржини. Како пример, беше посочен портал од Србија, регистриран како „gramofonski plochi.rs“, кој добил средства и се пријавил во ДИК. Ваква пракса на доделувување државни пари без јасни и мерливи критериуми не постои никаде во светот, нагласи Трајчесвки.
Тој порача дека овој модел на финансирање треба да се напушти зашто создава простор за злоупотреби и влијание врз медиумската независност во изборен период и се заложи за формирање Фонд за медиуми, кој би финансирал продукција на квалитетни содржини, подобрување на условите за работа и јакнење на професионалните капацитети.
Анализата на АВМУ, исто така, покажала дека Интернет порталите одбиваат да се пријават во Регистарот на медиуми за да ја избегнат обврската да поднесат финансиски извештаи односно одбиваат да окријат кои се нивните донатори, рече Трајчевски.
Медиумите без заштита од дигитални напади
Жана Божиновска, одговорна уредничка на Слободен печат, потврди дека нападите врз медиумите не се само теорија. Таа ја раскажа хаваријата низ која поминала редакцијата на „Слободен печат“, кога илјадници ботови во секунда го преплавиле профилот на медиумот на Инстаграм. Иако побарале помош, не добиле ниту од Мета ниту од домашните институции, односно биле оставени сами и се чувствувале очајно. Бидејќи нападите продолжиле, тие биле приморани да го затворат профилот на Инстаграм, а со тоа да изгубат илјадници следбеници и читатели.
Непостапувањето на институциите- нагласи Божиновска испраќа лоша порака дека дигиталното разбојништво се толерира. Според неа „лекот од вакви ситуации е комбинација од професионална стабилност, односно да не се отстапува од новинарските стандарди, техничка подготвеност – да се знае како да се идентификува нападот и солидарност – медиумите да не молчат кога некој е мета на вакви напади.
Институциите сè уште градат механизми за заштита
Институциите сѐ уште работат на развивање на механизми за справување со кибер напади. Потребен е јасен алгоритам за тоа каде прво треба да се пријави нападот и како да се води целата процедура до негово решавање. Во моментов, вработените во институциите не се доволно обучени, а недостасува и техничка координација и комуникација меѓу надлежните.
Состојбата се очекува да се подобри откако ќе се усвојат дополнителните законски акти, клучни за функционалноста на Законот за кибербезбедност, кој беше усвоен минатата година, а стапи на сила од јануари годинава. Со овој закон медиумите стануваат дел од поширока мрежа составена од институции, приватен сектор и експерти, која ќе обезбедува координација, размена на информации, предупредување и поддршка при кибер напади. Дотогаш, медиумите се оставени сами на себе, со ограничени финансиски можности сами да инвестираат во заштита.
И делувањето на Секторот за кибербезбедност при МВР е ограничено – од таму велат тие можат да реагираат само кога станува збор за кривично дело, а нападот од ботови, како што е случајот со „Слободен печат“, не е опфатен со Кривичниот закон.
Додека државата гради капацитети за заштита од кибер напади, медиумите остануваат незаштитетни, а слободата на говорот станува лесна мета за странски влијанија. Освен измени на изборниот законик и формирање на фонд за медиуми, брза имплементација на Законот за медиумски слободи и Законот за дигитални услуги е клучна за финансиска стабилност, независност и борба против дезинформации и злоупотреба на идентитетот на новинарите.
Панел-дискусија, на која присуствуваа претставници од повеќе владини институции, вклучувајќи ги и членовите на меѓуресорската работна група за справување со СММИ, граѓански организации, претставници на странските амбасади и медиуми, е во рамки на проектот „Следење, откривање и разобличување на скриеното странско мешање и манипулирање со информации“, поддржан од Британската амбасада во Скопје.
Новинарка: Соња Петрушевска Поповска
Снимател: Зоран Догов
Монтажа: Ристо Душковски



















