fbpx

 

 

За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

Мастер часови за медиуми и новинарство „Подготви се за дигиталната ера“

Стекни вештини и добиј совети за ерата на дигиталните информации со учество на мастер часовите за медиуми и новинарство „Подготви се за дигиталната ера“. Бесплатните мастер часови претставуваат комбинација од обука со физичко присуство и практична работа и ќе се реализираат во текот на мај и јуни.

Мастер часовите се наменети за млади луѓе од 19 до 34 години, вклучувајќи студенти, млади новинари и оние кои сакаат да се надградат со дигитални медиумски вештини. Тие, во период од 5 дена, ќе имаат сесии и дискусии со тренери кои се етаблирани новинари и ќе продуцираат мултимедијални производи во тимови и под менторство на тренерите.

На мастер часовите се учи кои алатки можат да се користат за проверка на информации од социјалните медиуми, како да се собираат податоци од веб бази и да се трансформираат во вести со визуелизирање преку инфографикони, мапи и аудио-слајдови. Учесниците ќе научат да блогираат и да пишуваат на веб-пријателски начин, да креираат и промовираат сопствен блог и да ја ангажираат публиката на веб. На мастер часовите се стекнуваат и мултимедијални вештини за уредување слики, аудио или видео за веб, продуцирање стории, влогови и поткасти со мобилен телефон, како и користење мултимедијални апликации за продукција. По завршувањето на мастер часовите, учесниците се стекнуваат со сертификат и 3 ЕКТС кредити.

Пријавувањето за учество на мастер часовите е најдоцна до 3 мај на ОВОЈ ЛИНК. За учесниците надвор од Скопје ќе бидат покриени трошоците за сместување и пат. Повеќе информации за мастер часовите може да се добијат и на е-адресата .

Програмата на мастер часовите е развиена од тим на обучувачи составен од етаблирани новинари од Македонија, според водечка програма на американската организација ИРЕКС (IREX) познатa како Новинарство во ерата на дигитални информации (JEDI).

Мастер часовите ги организира Институтот за комуникациски студии и ИРЕКС, во рамките на проектот за медиумска писменост на УСАИД, „Младите размислуваат“.