Манипулација без граници: Кој ни ги мати вестите?
Дали некогаш сте скролале низ социјалните медиуми и сте помислиле: „Чекај… дали е тоа вистина?“ Дали сте слушнале гласина што се проширила како шумски пожар? Верувале или не, многу од тие работи не се случуваат сами по себе. Некои од нив се дел од тактика која се користи за манипулација со јавноста од странство. Странското мешање и манипулирање со информаии скратено се нарекува – СММИ.
Што всушност е СММИ?
Во основа, некои странски сили – држави или групи однадвор се мешаат во општествениот живот во нашата земја. Тоа не го прават за забава, туку за да ги потресат работите, да ги натераат луѓето на конфронтации и да ја ослабнат довербата во државните институции.
Странското мешање и манипулирање со информации е сериозен предизвик за националната безбедност, јавната доверба и демократските институции. И тоа не е ограничено на еден облик на манипулација.
Најчестите форми на странско мешање и манипулирање со информации вклучуваат: дезинформации и пропаганда, злоупотреба и манипулација на медиумскиот простор и социјалните мрежи, сајбер-напади, влијание и манипулација преку економскиот и дипломатскиот сектор за да се засили целокупниот хаос во комбиниран пристап со претходните постапки.
Како се користат овие алатки?
Се пласираат лажни вести што звучат драматично, но не се вистинити. Хакери продираат во државните системи или ги соборуваат веб-страниците.
На социјалните мрежи некои злонамерни објави силно се поддржуваат, а други се закопуваат.
Што е целта на странското мешање?
Меѓу главните цели на ваквите кампањи е да се поткопа довербата во владата и институциите, да се подгреваат политички и социјални тензии, да се влијае на изборните процеси преку дезинформации, па дури и да се промовираат авторитарни системи како „подобри алтернативи“.
Зошто Северна Македонија е мета?
Иако нашата земја е мала, таа има важна геостратешка позиција на Балканот. Ние сме раскрсница за големи глобални интереси. Членка сме на НАТО и имаме аспирации да се приклучиме на ЕУ. Тоа нè прави цел за земји и групи кои не сакаат да нè видат како успеваме во таа насока.
Што можеме да направиме за да се одбраниме?
Прво, освестувањето за постоење на овој феномен е клучен чекор. Колку повеќе разбираме како функционира странското мешање, толку помала ќе биде неговата моќ. Плус, ни требаат посилни институции, поквалитетни закони и многу подобра координација меѓу институциите, медиумите и образованието.
Следниот пат кога нешто ви изгледа чудно на интернет или во медиумите одвојте малку време. Не го прифаќајте здраво за готово. Прашајте се кој би можел да има корист од таква информација.
Останете љубопитни. Останете смирени. И најважно од сè – останете разумни.
