fbpx

 

 

За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

Кога гроздовиот молец е во стапица, имаме подобро грозје

Долгите полиња со лозови насади се секојдневна глетка за средношколците на “Св. Кирил и Методиј” од Неготино кои преку кампања за прв пат ќе учествуваат во примена на добрите земјоделски практики во лозарството во нивниот регион.

Елена Тимова и Ана Марија Колева го мерат УВ зрачењето кое ги атакува лозовите насади

 

Елена Тимова и Ана Марија Колева се ученички во неготинската гимназија, кои нѐ запознаа со сликата во тиквешието и тивкото згаснување на лозарската традиција. Причини има многу велат тие, од климатските промени, до високите трошоци за заштита од штетници. „Со задоволство сме дел од проектот за користење на феромонските стапици за намалување на гроздовиот молец, со кои ќе се намали употребата на инсектициди и ќе се намали штетата од него, а на тој начин ќе добиеме грозје што исполнува стандарди. Со тоа ќе им помогнеме на постарите лозари и на нивните наследници да имаат подобри производи.“ – велат тие.

Тие две и уште тринаесет ученици од гимназијата „Св. Кирил и Методиј“ од Неготино заедно со членовите на здружението „Ековита“ кое работи на врската помеѓу еколошкото производство и одржливото искористување на животната средина, работат на заштитата на лозовите насади во родниот крај од гроздовиот молец.

Учениците од гимназијата „Св. Кирил и Методиј“ од Неготино заедно со тимот на „Ековита“ на терен во реализација на различни задачи во примена на добрите земјоделски практики во лозарството

 

Професорот по географија Ѓорѓи Ристов секојдневно ги воочува проблемите со кои се соочуваат лозовите насади во Тиквешкиот регион.

Професорот Ѓорѓи Ристов неуморно ги поттикнува учениците да истражуваат и да си ја осознаваат околината во која што живеат, бидејќи тиквешките плантажи денес се соочуваат со безброј предизвици

 

„Лозовите насади во нашиот крај се изложени на многу влијанија, од климатските промени, преку сончевите УВ зрачења, па сѐ до штетниците како молецот поради кој сè повеќе се користат штетни препарати. За мене предизвик е да се зачуваат нашите лозови насади, а новите знаења и иновативните решенија се опција за тоа. Затоа ги вклучивме и учениците бидејќи едукацијата е неопходна за да не го изгубиме најдоброто грозје во нашата држава.“

И токму на тој начин преку вклучување на младите во проектот се јакне истражувачкиот дух кај нив. „Бидејќи сме лозарски крај, таква ни е традицијата сакаме од блиску да ги запознаеме младите со болестите кај виновата лоза, тие така ќе дознаат како подобро да се справуваат со нив и ќе ги следиме, со цел да добиеме производство на поквалитетно и конкурентно грозје“ – вели Сашко Тодоров од „Ековита“, кој што е координатор на проектот.

Младите од Тиквешијата преку различни проекти ги вклучуваме во работата на нашата организација и на тој начин го јакнеме нивниот истражувачки дух вели Сашко Тодоров од „Ековита“, координатор на проектот.

 

За матурантот Благој Колев, овие непосредни посети на терен, на лозовите плантажи се вистинска авантура, до која се стигнува со микроскоп.

Средношколецот Благој Колев преку теренските истражувања осозна нов, богат свет далечен од голото око

 

„Се запознавме со еден нов микросвет, близок, а сепак далечен, и во кој ги видовме причинителите на болестите кои ги мачат лозарите. Колку подобро ги познаваме болестите толку сме посилни против нив.“

Кога потекнуваш од тој крај проблемите на лозарите ти се блиски, па затоа и желбата да се најде решение е толку голема. Ристе Јанев е иден агроном, студент на четврта година на Земјоделскиот факултет во Штип, кој вели дека најголем проблем на лозарите е благовремената и ефикасна заштита на нивните лозови насади од штетниците и болестите кои истите ги напаѓаат.

На иновативната стапица која го привлекува и уништува гроздовиот молец работи и Ристе Јанев студент на четврта година на Земјоделскиот факултет во Штип

 

„Од оваа причина тимот на „Ековита“ посветено работеше и дојдовме до иновација со која значително ќе го намалиме традиционалното прскање со пестициди. Станува збор за паметна еколошка стапица која најпрво ќе има за цел да го привлече и уништи гроздовиот молец. Нашите испитувања на овој изум резултираа со сознание дека на овој начин во голем обем ќе се намали потребата од прскање со пестициди.“

Гроздовиот молец е најактивен во текот на летото, а веќе се поставени стапици со замка за него.

„Поставените феромонски стапици на лозјата и самите ученици ќе можат да ги надгледуваат. Овој еколошки метод засега се покажува како многу продуктивен, бидејќи го уништува молецот на биолошки начин без да биде загадена животната средина“, вели Митко Јаначков од „Ековита“.

„Ековита“ е една од добитничките на шесте мали ЕУ грантови што ги доделија Институтот за комуникациски студии и Македонското еколошко друштво. Активностите до сега се само дел од планираната кампања за примена на добри земјоделски практики во лозарството во Тиквешкиот регион. Наскоро следува работилница за справување со инвазивни инсекти, и серија на акции со кои ќе се преземат мерки за справување со климатските промени.

Средношколците од неготинското училиште „Св. Кирил и Методиј“ и тимот на „Ековита“ кои заедно работат на иницијатива за промовирање на добри земјоделски практики во лозарството

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинар: Ана Зафирова
Фотограф: Сашо Доковски


Оваа содржина е изработена во рамки на проектот: „Локална акција за подобри политики за заштита на животната средина“ што го реализира Институтот за комуникациски студии во партнерство со Македонско еколошко друштво, со финансиска поддршка на Европскиот инструмент за демократија и човекови права (ЕИДХР).