Интервју со истражувачкиот новинар и добитник на награда „Еми“ Аксел Хумлехе: Истражувачкото новинарство е крвотокот на медиумите
Ги кажуваме приказните што му требаат на народот, а кои моќниците не сакаат да бидат слушнати. За мене, истражувачкото новинарство е крвотокот на медиумите, вели Аксел Горд Хумлехе, истражувачки новинар во шведскиот јавен радиодифузен сервис СВТ, во интервју за Институтот за комуникациски студии. Toj e специјализиран во областите на перење пари, корупција и прекугранично известување. Неговите истражувања ја разоткриваат инфилтрацијата на руските безбедносни служби во скандинавските банки и е финалист на „Истражувачки новинари и уредници“ во 2024 година за документарниот филм „Шпионите на Путин во Шведска“. Во 2019 година, неговиот тим освои награда „Еми“ за документарниот филм „Измамничка дипломатија – прикривање од ООН“ за убиствата на двајца експерти на ООН во ДР Конго. Неговото последно истражување се однесува на митото и корупцијата во Securitas, една од најголемите светски компании за обезбедување. Во Скопје беше обучувач на регионалната обука за истражувачко известување, што ИКС ја одржа од 12 до 14 ноември.
Каде да се бараат теми за истражување како организиран криминал и корупција кои им штетат на државните системи и на животот на граѓаните? Кој е вашиот рецепт за добра насока во истражувањето?
– Генерално, се зависи од каде сте и каков е вашиот став за новинарството. Но, ако гледам од моја перспектива, истражувам теми за работи кои ме интересираат. Отсекогаш ме интересирало лицемерието во едно општество. Интересно е да се види каде има голем контраст помеѓу кажаното и направеното. И мислам дека тоа отсекогаш било тема – човековата природа на лаги и корупцијата како да се пропаганда. Мојот пат во новинарството беше, пред сè, политиката. Бев многу заинтересиран во политиката. Кога почнував со истражувачкото новинарство, беше за дневните настани кои се објавуваат на вестите, ако можете да ја најдете задната страна на тие стории, тоа е секогаш интересно.
Дали сте сведоци на еволуција на темите од истражувачкото новинарство низ годините?
– Поголемата револуција и во новинарството и за мене започна со Панамските документи. До тој момент, богатите луѓе, криминалците и диктаторите, корумпираните политичари беа многу безбедни во криењето на своите пари. Тие имаа одлични адвокати, имаа големи компании и не се плашеа дека ќе бидат откриени. И тогаш одеднаш, со документите од Панама, сè се промени. Наеднаш ние како новинари кои толку години ги бркавме сите овие лоши актери, обидувајќи се да откриеме каде ги криеле парите и како го прават тоа, ја имавме информацијата. Ние бевме на фронтот, бевме и на границата на новинарството, вртејќи ја плимата, ја вративме моќта на јавноста против овие луѓе. Јас сум како брод на тоа море и сите приказни што ги правам сè уште се однесуваат на ваквите протекувања на документи што дојдоа од Панама, документи од Пандора, од Дубаи. Голем дел од моето истражувачко новинарство е за поврзување на парите со сториите за војна, за корупција или за шпиони. Кога почнав со новинарството, овие големи податоци не ни постоеја, никој тоа не го правеше. И сега одеднаш седиме таму со десет милиони документи и можеме да читаме, да ги следиме парите.
Како да се засили импактот на истражувачките стории, бидејќи во Македонија, на пример, многу од приказните се игнорираат од надлежните, но и од мејнстрим медиумите?
– Правам долги документарни филмови и сакам луѓето да ги гледаат како да се впуштаат во нешто, да ја сфатат темата и приказната да не ги пушти да одат. Мислам дека клучот за истражувачкото новинарство е навистина да се направи копање на информации, но исто така треба да вложите многу енергија во делот за раскажување приказни затоа што ако вашата приказна е важна, но досадна, ќе биде тешко да ги убедите луѓето зошто е таа значајна. Затоа телевизијата е толку забавна затоа што можете да ги користите холивудските трикови за да ги убедите луѓето.
Новинарите откриваат злоупотреби на власта и на моќта на поединци и на тој начин придонесуваат за одговорно и отчетно владеење, но колку е важно да се почитуваат воспоставените правила и стандарди?
– Исклучително важно е да имаме дискусии за правила и стандарди, но исто така мислам дека за да се оди против моќниците, често не можете да го направите тоа ако ги следите правилата. Првото правило на истражувачкото новинарство е ако знаете дека приказната е доволно важна, никакви правила не можат да ја запрат. За мене тоа е клучот. Различни општества, се разбира, создаваат различни правила. Во некои земји, дури и самото новинарството е нелегално. Во Шведска, има многу стандарди и правила кои се многу добри за заштита на луѓето. Може да се користи скриено објавување, можеш да ги скриеш имињата на луѓето или да им ги скриеш лицата, така што се зависи од ситуацијата. Но, кога зборувам со студентите им велам – сè за важноста на приказната. Можеш да направиш многу прекршување на правилата ако тоа го правиш за одредена цел.
Како новинарите да градат добри односи со изворите и граѓаните генерално, за да доаѓаат до поголем број истражувачки приказни?
– Тоа е она за што бев тука да зборувам, поканет бев на регионалната новинарска обука во организација на Институтот за комуникациски студии да зборувам за регрутирање извори и како да се зближите со луѓето. Ние како новинари или медиуми не зборуваме доволно за занаетот и за вештините што треба да се развијат, за тоа како можеме да бидеме подобри за да ги добиеме нашите извори и да се поврземе со нив. Со тоа можеме да го правиме новинарството многу подобро. Кога на ова ќе гледаш како новинар, не треба да размислуваш дали таа личност е добра или лоша, или не можам да разговарам со таа личност затоа што јас сум жена или не можам да разговарам со таа жена затоа што сум маж или, пак, не можам да влезам во таа ситуација затоа што може да изгледа лошо за мене. Мора да бидеме насекаде, мора да разговараме со сите. И да, навистина зближете се со луѓето, разбирајќи ја нивната психологија. На тој начин можете да раскажете подобри приказни.
Дали денес има поголема потреба од иницијативи за истражувачко новинарство, имајќи предвид дека голем дел од редакциите повеќе работат на дневно известување?
– Мислам дека истражувачкото новинарство е клучот за демократијата и за опстанокот на медиумите. Особено сега кога ги имаме социјални медиуми исполнети со различни видови мислења и секакви видеа, истражувачкото новинарство е она што нè издвојува, тоа е нашата целина. Никогаш не сум работел со дневни вести, за мене единственото новинарство што постои е истражувачкото. Видете го наративот на моќниците, работите што ги кажуваат политичарите можеме да ги прочитаме директно од нивниот профил на Инстаграм. Потребни сме затоа што ги кажуваме приказните што му требаат на народот, а кои моќниците не сакаат да бидат слушнати. За мене, истражувачкото новинарство е крвотокот на медиумите.
Јавните сервиси имаат улога точно и навремено да ги информираат граѓаните. Дали треба да се презентираат повеќе истражувачки стории, каква е сликата во шведскиот јавен сервис?
– Потребни се подлабоки истражувачки приказни, не само дневно информирање на луѓето. Во Шведска, имаме многу силен јавен сервис. Тоа е најценетата јавна институција со многу висока стапка на доверба. Многу е важно да ја преземеме таа одговорност дека го чуваме статусот на јавниот сервис, да не бидеме под влијание на политичарите за тоа како да го водиме, треба да биде независен. Не сме во сопственост на олигарсите, не сме во сопственост на милијардерите, не сме во сопственост на политичарите. Ние сме луѓе платени од народот и работиме за народот и со тоа ја стекнуваме нивната доверба. Им ги кажуваме приказните какви што се и информациите што треба да ги слушнат, и се надеваме дека се благодарни.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Сунчица Николовска
Фотограф: Томислав Георгиев