fbpx

 

 

За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

Инспекциите за животна средина да го подобрат отчетот пред граѓаните

Државните инспекторати со надлежности во животната средина го почитуваат само пропишаниот законски минимум за известување на јавноста и не овозможуваат доволно содржајни информации за нивната работа и за претставките поднесени од граѓаните. Тие не прават ниту јавни презентации на полугодишните извештаи за остварените резултати на секои шест месеци. Ова го покажува проценката на транспаретноста и отчетноста на инспекторатите со надлежности во животната средина која ја направи ЦЕД Флорозон, во соработка со Институтот за комуникациски студии како дел од кампањата „Разбистри сè“.

Проценката се однесува на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), Државниот инспекторат за шумарство и ловство (ДИШЛ), Државниот инспекторат за земјоделство (ДИЗ) и Државниот инспекторат за техничка инспекција (ДИТИ). Иако овие инспекторати сметаат дека нивните извештаи даваат содржајни информации за квалитетот и ефектите од нивното работење, повеќето од нив (ДИЖС, ДИШЛ и ДИТИ) се држат до законскиот минимум кој овозможува исклучиво квантитативен преглед на податоци.

Извештаите не содржат информации за начинот на постапување после утврдените неправилности при извршените инспекциски надзори. Од анализата на периодичните извештаи за втората половина на 2020 година, не можат да се најдат податоци за епилогот од констатираните неправилности при извршените инспекциски надзори, со исклучок на ДИЗ кој дава преглед и на преземените мерки. Инспекторатите треба да го подобрат и начинот на презентација на остварените резултати со правење споредба помеѓу планираните и реализираните инспекциски надзори во тековниот и претходниот период на известување, за да може да се проценат нивните остварени резултати.

Инспекторатите треба да ги усогласат извештаите со меѓународните обврски кои произлегуваат од европското законодавство т.е. Резолуцијата за минимум критериуми за инспекциски надзор во животната средина и Директивата за индустриски емисии. Според овие документи, извештаите од инспекциските надзори треба да се одржуваат во лесно достапна база на податоци, да бидат јавно достапни во рок од два месеци по извршената инспекција и да се изготви регистар на правни субјекти кои треба да бидат контролирани.

Посебно внимание во извештаите треба да се даде на информации кои се однесуваат на претставките поднесени од граѓаните, преземените мерки по тие претставки и како биле решени. Во извештаите на некои инспекторати нема ниту податоци за бројот на поднесени претставки од граѓаните, па отсуствуваат и податоци за бројот на одбиени и процесуирани претставки и начинот на нивното решавање.

Во однос на бројот на пријави поднесени од граѓаните, постои голем расчекор помеѓу инспекторатите – ДИЖС бележи околу 300 пријави годишно, ДИЗ 54, ДИТИ 23, а ДИШЛ евидентира само 4 пријави годишно. Ова укажува на различниот пристап на инспекторатите за промоција и афирмација на онлајн алатки за поднесување на претставки кои ќе бидат лесно достапни и едноставни за употреба, со што би се поттикнало граѓанското учество во инспекцискиот надзор. ДИЖС и ДИЗ веќе имаат развиено такви веб алатки, додека ДИШЛ и ДИТИ сè уште немаат.

Инспекторатите ги одбивале поднесените претставки од граѓаните најчесто кога сметале дека не може да се постапува по анонимни и нејасни т.е. парцијални претставки или дека за претставките инспекторатот немал надлежности. Сепак, инспекторатите треба постојано да ја едуцираат јавноста за нивните надлежности во животната средина, за да се зголеми бројот на соодветно поднесени претставки од граѓаните.

Инспекторатите треба да воспостават и електронско сандаче за неправилности, поплаки и жалби од граѓаните за нивната работа. Извештаите на ДИШЛ и ДИЗ содржат такви информации, додека ДИЖС и ДИТИ не известуваат за овие податоци. Од ДИЗ укажаа дека поплаките најчесто се однесуваат на работењето на инспекторите и се поднесени од незадоволна странка во постапка каде постапувал инспекторот.

Сите инспекторати ги имаат објавено извештаите за нивната работа на веб-страниците и можат слободно да се преземаат, но се препорачуваат и задолжителни јавни презентации на остварените резултати на секои шест месеци, за да се подобри отвореноста кон јавноста.

Досега ниту еден инспекторат со надлежности во животната средина немал забелешки за неговиот извешта од Инспекцискиот совет.

Проценката на отчетноста на инспекторатите со надлежности во животната средина беше направена врз основа на анализа на нивните годишни планови за 2020 и 2021 година, периодичните извештаи од втората половина на 2020 година, веб-страниците на инспекторатите и на повеќе закони, а претставници на инспекторатите одговараа и на анкетен прашалник.

Целосниот извештај преземете го ТУКА.