ИКС учествуваше на обуката за обучувачи во Белград
ИКС беше дел од регионалната обука за обучувачи која се одржа во Белград, од 11 – 13 ноември. На обуката учествуваа повеќе од триесет претставници на граѓански организации и медиуми од Западен Балкан (Албанија, Косово, Македонија, Црна Гора, БиХ и Србија) кои учеа вештини за застапување и водење на медиумски кампањи против говор на омраза.
На обуката учествуваа и претставници на организациите Хера, Субверзивен фронт, Национален совет за родова рамноправност и COSV.
Граѓанските организации од регионот ги споделија своите искуства со говор на омраза и нетрпеливост и се согласија дека само здружено и систематско делување може да го заузда напливот на наративи со говор на омраза во медиумите и општеството. Областите во кои што тие работат се разновидни и вклучуваат родова еднаквост, заштита на правата на ромската заедница, медиумски плурализам и безбедност на новинарите, заштита на правата на децата и младите, заштита на правата на ЛГБТИ заедницата и повеќе други области.
Обуката се одржа во рамки на проектот Мрежа за известување за разновидност 2.0, чиј главен имплементатор е Институтот за разновидност на медиумите во Западен Балкан, а во кој партнерски организации се ИКС, Центарот за истражувачко новинарство Црна Гора, Центарот за истражувачко новинарство Босна и Херцеговина, Албанскиот институт за медиуми и Косово 2.0.
Мрежата е воспоставена со финансиска поддршка од Европската унија, Балканската фондација за демократија, проект на Германскиот Маршалов Фонд на САД и Кралската Норвешка амбасада во Белград.