ИКС и Сојузот на пензионерите во заедничка мисија против дезинформациите
Претставници од Институтот за комуникациски студии (ИКС), Лејла Шабан и Моника Аксентиевска присуствуваа на работната средба на Комисијата за информирање на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија (СЗПМ), на која беа и дописниците на весниците „Пензионер плус“ и „Коха“. На средбата се договараше програмата и насоките за содржините на двата весника за 2026 година.
На почетокот на средбата, најпрво се обрати претседателката на Сојузот, Станка Трајкова која ја истакна потребата од континуирана едукација на повозрасните за препознавање лажни вести, говор на омраза и манипулативни содржини, и го оцени ИКС како важен и доверлив партнер во оваа област. На состанокот се обрати и Лејла Шабан од ИКС која зборуваше за досегашната соработка меѓу ИКС и СЗПМ, ги претстави клучните активности и содржини поврзани со медиумската писменост и борбата против дезинформациите и ги повика присутните да предложат теми и формати што се од посебен интерес за пензионерите.
Во изминатите четири години, ИКС има активна и континуирана соработка со СЗПМ и со весникот „Пензионер плус“. Преку Сојузот и локалните здруженија беа организирани првите обуки за препознавање и справување со дезинформации во рамки на проектот „Користи факти“, а соработката продолжи со обуки за странско мешање и манипулирање со информации во рамки на проектот „Следење, откривање и разобличување на скриеното странско мешање и манипулирање со информации“, поддржан од Британската амбасада во Скопје.
Во рамки на двата проекта, во „Пензионер плус“ се објавуваат текстови за дезинформации, странско влијание, хибридни закани и медиумска манипулација, со практични совети за пензионерите. Благодарение на овие активности, ИКС е препознаен како стратешки партнер за јакнење на медиумската писменост кај повозрасната популација, користејќи го фактот дека „Пензионер плус“ е едно од најчитаните гласила за пензионери во земјата.
