
ИКС го сподели своето искуство со еко-новинарството пред Европското здружение за обука на новинари
Еколошкото новинарство добива сè поважна улога во заштитата на животната средина и во донесувањето на правилни политики за решавање на еколошките проблеми, како што се климатските промени, загубата на биолошката разновидност и загадувањето. Новинарите кои сакаат да се занимаваат со овој тип на новинарство треба да бидат запознаени со многуслојните проблеми и сложените тематики и затоа особено е важно образованието за еколошко новинарство.
Ова беше темата на средбата на Европското здружение за обука на новинари (EJTA) – најголемото европско здружение за новинарско образование, што се одржа од 21 до 23 мај во Рим, а на која се претстави и Институтот за комуникациски студии (ИКС).
На средбата, професори, предавачи и истражувачи од цела Европа ги споделуваа своите искуства и знаења за состојбата со еколошкото новинарство, како може да се развие и методите што може да се употребат за едукација на идните професионални новинари. Низ тематските сесии, можеа да се слушнат ставови и практики од различни европски држави и региони и еколошките проблеми со кои се соочуваат.
ИКС учествуваше со две излагање. На сесијата посветена на практичното еколошко новинарство, Институтот ја презентираше својата истражувачка сторија посветена на македонската сивка – најретката пеперутка во Европа, како и промените кои следуваа по објавувањето на сторијата. На втората сесија, посветена на искуствата со еколошко новинарство, ИКС го презентираше неговиот придонес во пионерскиот развој на еколошкото новинарство во Македонија и Западен Балкан во последните години, како и предизвиците со кои се соочуваат новинарите од регионот.
Главен заклучок од средбата беше дека еколошките новинари имаат задача да ѝ помогнат на јавноста да се запознае со сложените еколошки прашања и како човекот влијае врз природата и обратно. Тие треба будно да ги следат политичките и општествените одлуки кои доведуваат до загрозување или подобрување на животната средина. Нивната улога е да информираат, едуцираат, алармираат и да повикуваат на акција. Во иднина, како што ќе се зголемуваат еколошките проблеми во очи на климатските промени, еколошкото новинарство ќе добива сè повеќе важност, беше констатирано на средбата на Европското здружение за обука на новинари.