Хомофобијата и сексизмот во медиумите на Западен Балкан
Од почетокот до крајот на декември, тимот за следење на Мрежата за известување за разновидност (RDN) откри низа наративи и дискурси што пропагираат омраза. Во текот на месецот имаше пораст на говорот на омраза, вклучувајќи хомофобија, етничка дискриминација и сексизам низ Западен Балкан.
Хомофобија
Членот на опозициската партија ПДП во Република Српска, Иван Бегиќ, поднесе оставка по објавувањето на приватно видео што содржи интимни моменти. Видеото било испратено до новинари и јавни личности преку приватни пораки, но тоа не беше јавно споделено од медиумите во земјата. Видеото доведе до говор на омраза против Бегиќ и покрај фактот што тоа воопшто не било наменето да биде јавно. Бегиќ беше мета на бројни лични и погрдни коментари, закани, а беше и уценуван во врска со неговиот сексуален идентитет.
По навредливите коментари и напади, Бегиќ реши да се повлече од својата улога во партијата ПДП.
Бидејќи Бегиќ е близок пријател и соработник на градоначалникот на Бања Лука, Драшко Станивуковиќ, некои активисти на медиумите и социјалните мрежи го вклучија Станивуковиќ во случајот и ги обвинија двајцата мажи дека се појавуваат во видеото.
Еден од најчесто споделуваните напади е постер базиран на филмот Титаник кој го креирал самопрогласениот активист Његош Томиќ, на кој се прикажани Бегиќ и Станивуковиќ. Хомофобниот коментар на Томиќ на постерот гласи: „Протече видео од двајца страсни љубовници Иван Бегиќ и Драшко Станивуковиќ. Ако видеото не станеше јавно, следната година ќе можевме да имаме геј претседател и геј премиер. Наместо тоа, нивните кариери завршија!“
Томиќ има над 1.067 следбеници на својот Фејсбук профил, што претставува дополнителна алатка за ширење говор на омраза и хомофобија меѓу неговите следбеници и населението во Бања Лука, како и во целата Босна и Херцеговина. Ваквите понижувачки и омаловажувачки коментари, обиди за уценување и композитна визуелна содржина придонесоа Бегиќ да се повлече од својата улога и позиција во партијата ПДП. Медиумите во овој случај имаа своја улога во вршење влијание врз јавното мислење и во ширењето на хомофобијата. Наместо тоа, нивната улога требаше да биде објективно информирање на јавноста и ублажување на наративите со кои се шири омраза за овој случај, но и општо за LGBTQ+ заедницата.
Во Албанија, политичарот Нард Ндока се појави во радио емисијата „Ndryshe“ што ја емитува радио „Топ Албанија“ и изјави дека еден од учесниците на овогодинешното ВИП издание на Големиот брат, Доналд, моментално е вклучен во љубовен триаголник. Тој додаде дека „ако продолжи така, следно ќе прејде на мажи“, што во суштина беше забелешка што ги промовира лажните предрасуди и хомофобичниот стереотип дека промискуитетот е поврзан со хомосексуалноста.
Ваквите коментари промовираат омраза и заблуди за LGBTQ+ заедницата како целина, што дополнително ја поттикнува и поддржува хомофобијата и анти-LGBTQ+ говорот на омраза.
Изјавите на Ндока беа нашироко споделени во речиси сите поголеми медиуми, меѓутоа, нема докази за наслови што содржат критики кон нив или написи што се спротивстават на таквите хомофобични предрасуди.
Ова ја истакнува важноста и улогата на медиумите во објективното информирање и спротивставување на говорот на омраза и хомофобијата, преку посочување на прашањата и лажните претпоставки кои стојат зад таквите мислења и изјави.
Етничка дискриминација
Во Србија често се среќаваат негативни етикетирање на Албанците од страна на политички фигури, нарекувајќи ги „Шиптари“ – погрден термин кој промовира етничка дискриминација. Српскиот министер за внатрешни работи, Александар Вулин, често го користи терминот „Шиптар“ кога зборува за албанското население. Тој неодамна рече: „Договорот од Брисел беше потпишан со ЕУ; не го потпишавме со Шиптарите“.
Ваквото погрдно и несоодветно етикетирање е многу проблематично, особено кога го користат политичари на моќни позиции кои можат да влијаат на голем дел од населението поради нивната голема публика.
Изјавата била емитувана во утринската емисија на телевизијата „Хепи“, а потоа поставена на YouTube и, кога се пишуваше овој напис, изјавата имаше над 12.000 прегледи и 100 луѓе означиле дека им се допаѓа, а ниту еден не означил дека не му се допаѓа. Медиумите и новинарите имаат морална одговорност да спречат ширење на етничка дискриминација и навредлива терминологија. Ваквиот говор на омраза е нормализиран од политичарите и таблоидите бидејќи овој вид терминологија постојано се појавува во различни наслови и за него ретко се појавува цензура или воопшто нема никаква цензура од некои политички лидери и членови на партијата.
Политичките лидери и медиумите имаат одговорност и должност да обрнат внимание на својот говор и известување, со цел да се спречи репродукција на етничка дискриминаторска терминологија и доминантни наративи кои би можеле да ги наведат другите да го следат нивниот пример и да користат таков навредлив јазик.
Сексизам и сексуално малтретирање
По неодамнешната пресуда за случајот со силување на 19-годишна девојка во Косово, ТВ-емисијата „Правда во Косово“ ја објави истрагата за пресудата на Основниот суд во Гњилане. Во инцидентот учествувале пет мажи. Секој од нив извршил сексуално насилство и малтретирање на младата девојка која го пријавила случајот во полиција. Во 2013/2014 година, првообвинетиот е осуден на две години затвор, додека останатите сторители добиле минимална казна за силување од девет месеци. По жалба до Апелациониот суд, предметот е вратен на повторно судење. Меѓутоа, во 2017 година сите обвинети беа прогласени за невини. Во текстот на ослободителната пресуда, судското тело употребило крајно сексистички зборови во однос на жртвата, дотолку што стои дека првиот сторител бил оженет, додека другите четворица немале намера да се омажат за неа, што укажувало на тоа дека сексуалните обвиненија не биле веројатни, со оглед на околностите. Тие дури отишле дотаму да сугерираат дека инцидентот се должи на нејзини погрешни постапки, цитираме „жртвата се согласила да влезе во такси со обвинетиот, и покрај тоа што знаела дека тој е маж“.
Честопати, судските органи во случаите на сексуално насилство и вознемирување генерално изрекуваат минимални или само симболични затворски казни. Според истражувањето спроведено од голем број невладини организации, таквите решенија често содржат сексистички и погрдни зборови во однос на жртвите. Како реакција на ова истражување и на доказите, многу невладини организации реагираа револтирано, особено организацијата Qica која протестираше пред Основниот суд во Гњилане.
Ваквиот сексистички јазик што е присутен во општеството и се промовира од страна на институционалните тела кои го застапуваат законот и редот во земјата, создава стигма во однос на чиновите на сексуално насилство и сексуално вознемирување. Ова често вклучува обвинување на жртвите, додека сторителите се извлекуваат со мали или никакви последици од нивните противзаконски постапки. Медиумите со бројна публика и следачи, пак, ја шират и поддржуваат оваа практика.
Во Македонија, по скандалот „Јавна соба“ во кој на Фејсбук се споделуваа лични фотографии од млади, малолетни девојчиња, неодамна беше откриено дека во градот Гевгелија е формирана нова група наречена „GevgelijaHub“. Групата е формирана на социјалните мрежи и нејзините членови споделуваат слики од локални девојки без нивна дозвола. Некои од овие девојки покренале полициска постапка против лицата кои споделиле нивни слики, но цела година подоцна, овој случај сè уште не е разрешен. Обвинителството чека Фејсбук да ги открие IP-адресите на оние лица кои ги споделиле овие фотографии и слики. Во меѓувреме, угледот на овие девојки во градот каде што живеат и натаму е извалкан и нарушен. Освен тоа, некои од сликите сè уште се достапни на интернет и покрај напорите да се отстранат.
Оваа злоупотреба на личните податоци и неовластено споделените информации поврзани со приватни фотографии и слики на млади девојки продолжува да биде проблем во Северна Македонија, каде многу актери имаат одговорност за таквото однесување за кое има мали или никакви последици. Во овој случај, Фејсбук има обврска да спречи вакви скандали со тоа што ќе го спроведуваат нивниот Кодекс на однесување, кој јасно вели дека тие имаат за цел да „внимаваат на безбедноста на луѓето и да ја заштитат приватноста“.
Во Црна Гора, Јована Кикановиќ, членка на политичката партија „Слободна Црна Гора“, ја нападна Драгиња Вуксановиќ Станковиќ која е претседателка на Социјалдемократската партија на Црна Гора (СДП), нарекувајќи ја „ментално болна“ и употребајќи многу бесчувствителни и навредливи зборови, како и монтирани фотографии. „Слободна Црна Гора“, чијашто членка е Кикановиќ, е предводена од Владислав Дајковиќ кој планира да се кандидира за градоначалник на Подгорица на следните избори. Сопартијците се познати по тоа што даваат изјави што шират омраза.
Ваквите изјави и навреди се многу проблематични бидејќи промовираат сексизам и говор на омраза кон жените во општеството. Употребата на менталното здравје како навреда дополнително промовира стигматизација и негативно етикетирање на лицата со проблеми со менталното здравје. Темата за менталното здравје е веќе опкружена со штетни предрасуди, ширум Балканот.
Поединците на толку високи политички позиции се одговорни за јазикот што го користат и треба да бидат политички коректни за да се спречи ширење на говор на омраза меѓу населението.