Дискусија за Предлог протокол за одговор на СММИ во Македонија
Институтот за комуникациски студии (ИКС) го одржа четвртиот состанок на меѓуресорската координативна група за справување со странско мешање и манипулирање со информации на којашто се претставија потенцијални модели на Предлог оперативен протокол за институционална анализа, процена и одговор на СММИ во Македонија, како и следните активности поврзани со операционализација на протоколите за комуницирање за СММИ во македонските институции.
Предлог Оперативниот протокол и предлог Шаблонот за постапување по СММИ инциденти произлегуваат од Националната стратегија за безбедност 2024-2029 и содржи одредени генерални цели и политики меѓу кои и формирање на координативно тело на централната власт, во кое треба да членуваат претставници од повеќе инстуции кои би требало да соработуваат во однос на СММИ и во иднина да подготви стратегија.
Тие се подготвени врз основа на моменталната институцинална поставеност и со препораки на експерти од ЕУ и Обединетото кралство. Целта е да се постигне ефикасна координација за одговор на заканите и да се спречи, во тој одговор, да се појави разногласие.
Врз основа на ова, беа презентирани два модели – А и Б, кои се различни во однос на тоа дали во оваа координација се вклучени безбедносните служби – АНБ, АР, ДБРО (Модел А) или ќе биде комуникациски, во кој ќе бидат службите за односи со јавноста на вклучените институции.
Дебата се отвори во однос на внатрешната мобилизација по ресори односно за вршењето континуиран мониторинг на содржините на социјалните мрежи и во онлајн просторот воопшто, како и за тоа шефот на Кабинет на министерот да биде координативен филтер, односно оној кој ја мобилизира институцијата и обезбедува верификувани податоци од секторот за поткрепа на одговорот.
Забелешките на присутните претставници на институциите членки во ова меѓуресорско тело беа дека за спроведување на првото ниво (мониторинг) постои реална пречка за тоа, бидејќи во повеќето институции има забрана за пристап до социјалните мрежи (од различни причини).
Втората забелешка беше дека, водејќи се според законот, државниот секретар во министерствата е оној кој ја координира работата (издава наредби и задачи) на секторите, а не шефот на кабинет, иако праксата во моментов е спротивна.
Во однос на делот околу критериумите за проценка на ризик, констатацијата е дека нема утврден стандард за нивото (низок, среден, висок) и дека секоја институција тоа го прави на сопствен начин.
Се разговараше за евентуалните слабости на двата модели. Во однос на првиот модел – А (со безбедносни агенции) како слабост беше истакната евентуалното забавување на одговорот, имајќи ја предвид природната на работата на овие агенции, поради тоа што информацијата која би се добивала од нив би требало да биде декласифицирана и (или) членовите на ова коориднативно тело би требало да поседуваат безбедносни сертификати.
Слабоста на вториот модел – Б (комуникациски), како што беше посочено од присутните, е подготвеноста (квантитативниот капацитет) на вработените во одделите за односи со јавност да ракуваат со вакви информации. Дел од присутните сметаа дека не треба да се исклучи безбедносниот канал од моделот, бидејќи токму ваквите информации се во нивна надлежност.
Исто така, беше нагласено дека треба да се земат предвид и одредбите од Законот за дигитални услуги (ДСА) на ЕУ, бидејќи наскоро ќе започне усогласувањето на нашето законодавство со овие одреди, а таму постојат стриктни начини на реакција во услови на СММИ.
Подготвените материја од Институтот за комуникациски студии и забелешките од оваа средба, ќе им бидат доставени на сите членови на меѓуресорската група. Дебатата за ова ќе продолжи на конференцијата на 8 април во Скопје, на која меѓу другите ќе присуствуваат и двајцата експерти од ЕУ и од Обединето кралство, чии препораки се вградени во презентираните оперативни протоколи за институционален одговор на СММИ.
