Дигитална мониторинг платформа на УХМР за квалитетот на површинските води
Јавен преглед и редовно следење на квалитетот и загадувањето на реките во Македонија се овозможува со дигиталната мониторинг платформа на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), која е изработена во рамките на кампањата „Разбистри сè“ и која беше јавно презентирана денеска.
Податоците од мониторингот на УХМР се од исклучителна важност за да се проценат промените што настануваат во реките поради интензивните испуштања на отпад, отпадни води, пестициди и други загадувачки материи од домаќинствата, земјоделството и индустријата во речните води. Целта на мониторингот е да обезбедува информации за статусот на водните тела, но и да дава податоци за креирање оправдани, одржливи и ефикасни политики за користење и заштита на водите.
Оттука, дигиталната мониторинг платформа ќе го подобри системот за собирање и трансфер на податоците од мониторингот на УХМР, обезбедувајќи јавна проценка на биолошките, физичко-хемиските, морфолошките и еколошките карактеристики на водните тела во различни речни сливови, како и на можните негативни влијанија од природните услови и човечките активности.
Платформата ќе обезбеди и слободен и едноставен пристап на јавноста и инспекциските служби до податоците од системот, без посебни барања и постапки.
На овој начин, ќе се воспостави кохерентен и сеопфатен преглед на податоците од мерењата што се користат за следење и проценка на квалитетот на површинските води во државата и за дизајнирање на ефикасни и ефектни мониторинг програми.
Дигиталната мониторинг платформа на УХМР е достапна на македонски, албански и англиски јазик на www.waterquality.uhmr.gov.mk.
Кампањата за застапување и лобирање „Разбистри сè“ ја спроведува Институтот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје.