fbpx

 

 

За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

Дезинформации – кога на лагата не и се куси нозете

Во денешно време е клучно да се биде информиран за сѐ што се случува околу нас. Но, опасноста да бидете дезинформирани е огромна и може да има сериозни последици. Дезинформацијата се дефинира како намерно создавање и ширење на лажни информации со цел да се манипулира јавноста или да се остварат одредени цели.

Колку често го слушате зборот „ДЕЗИНФОРМАЦИЈА“? Како одминува времето, сѐ почесто. Зошто? Затоа што дезинформациите стануваат сѐ поприсутни во нашето секојдневие, и тоа е многу опасно. Тие создаваат поделби и страв во општеството, креираат несигурност, ја зголемуваат поларизацијата, ги подгреваат етничките тензии, ги наведуваат граѓаните да носат одлуки коишто се спротивни на нивниот интерес, поттикнуваат омраза и ја поткопуваат довербата во институциите на системот. Нивната цел е да се лови во „матно“.

Зошто тоа се прави? Дезинформациите се шират од различни причини: да се оствари некоја политичка или економска корист, да се креира нова реалност, да се наведат граѓаните кон одреден наратив или насока.

На почеток е многу важно да се утврди дали одредена погрешна или неточна информација се шири намерно или ненамерно, односно дали тој што ја шири знае дека информацијата не е точна. Ова ќе ни помогне полесно да ја разбереме пошироката слика.

“Фотошоп“ информации

Ајде да одиме со пример. Во јуни 2020 година, во екот на корона кризата, се појави вест дека Грција им забранила влез во земјата на граѓаните од општините со најмногу заразени со Ковид-19, вклучувајќи ги Тетово, Чаир, Сарај, Бутел, Арачиново и Шуто Оризари. Оваа информација наводно потекнуваше од грчкото МНР. Но, веднаш стана јасно дека станува збор за дезинформација, иако дел од текстовите може да се најдат и денес. Стануваше збор за фотошопирана слика на наводно соопштение на грчкото МНР, што потоа мораше да биде демантирана и од нашето МНР.

Целта на оваа дезинформација беше да се насочи гневот кон одредени општествени групи, да се поттикне гнев и негативни чувства кон соседот, и да се креира штетен наратив дека припадниците на одредени етникуми се виновни за нашите колективни неволји.

Ова е дезинформација затоа што тие што ја пласираа беа свесни дека станува збор за лага. Значи, дезинформациите свесно се создаваат, споделуваат и шират.

Мисинформации - наивно ширење дезинформации

Мисинформација – наивно ширење дезинформација

Ајде со уште еден пример. Кога некој намерно креира содржина за грабеж на банка што не се случил, со цел да го зголеми стравот кај граѓаните и да покаже дека не се безбедни, тоа е дезинформација. Но, кога некој ја споделува таквата вест верувајќи дека е вистина, тоа е мисинформација, односно погрешна информација. Тој навистина верува во тоа и нема намера да манипулира.

Зошто е важно да ги препознаваме лажните информации и обидите за манипулација? Живееме во дигитален свет, во свет на интернетот и социјалните мрежи, каде што сите сме поврзани, што претставува плодна почва за споделување и ширење на штетните наративи. А, кога станува збор за отпорноста на медиумите кон дезинформациите, прво што мора да се направи е да се придржуваат до основните стандарди во новинарството и до етичкото известување. Колку е тоа поголемо, толку е поголема отпорноста на медиумите.

Прочитајте го истражувањето Штет-на и погледнете кој создава политички штетни наративи во Македонија.

 Истражувањето е изработено во рамките на проектот „Користи факти“, што е поддржан од Британската амбасада во Скопје.