fbpx

 

 

За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

Да научиме да препознаваме дезинформации

Секојдневно сме „бомбардирани“ со безброј информации и од традиционалните и од новите медиуми, а особено на социјалните мрежи, поради што сѐ потешко е да се дојде до вистинската информација. Сите сме соочени со предизвикот кому да веруваме, како да знаеме дека информацијата е точна и вистинита и како да не станеме жртви на дезинформации и манипулации.

Токму на оваа тема разговаравме на денешната работилница која Институтот за комуникациски студии (ИКС) ја  организираше за членовите на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија (СЗПМ). Освен што дискутиравме за тоа од каде се информираме и колку им веруваме на медиумите и на информациите кои секојдневно ни се сервираат, отворивме и една друга многу важна тема – како да ги препознаеме дезинформациите.

Да се пристапува критички кон секоја информација, да се проверуваат повеќе извори, да се информираме од кредибилни медиуми, да не читаме само наслови – се само дел од советите кои нашите предавачи Јасмина Миронски и Соња Петрушевска Поповска им ги дадоа на членовите на СЗПМ, притоа посочувајќи им и каде и како да пријават дезинформации.

Оваа обука е прва од серијата обуки наменети за пензионерите кои ИКС ги организира во рамки на проектот „Користи факти“, финансиран од Владата на Обединетото Кралство, со поддршка на Британската амбасада во Скопје.