fbpx

 

 

За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

Јакнење на медиумите и граѓаните за заштита на јавниот интерес

Институтот за комуникациски студии развива активности за подигнување на свеста на граѓаните и едуцирање на медиумските професионалци за значењето на јавниот интерес во одржувањето на принципите на доброто управување. Наредните две години, во рамки на проектот „Изразување на јавниот интерес: Јакнење на медиумите и граѓаните за заштита на јавната политика во Македонија“, ИКС (1) ќе креира документи за јавни политики и ќе организира дискусии по нив, (2) ќе развива редакциски уредувачки упатства за чување на јавниот интерес, вклучувајќи и тест за јавен интерес и (3) ќе ги поттикнува граѓаните и експертите на онлајн учество во јавната сфера преку блогот „Res Publica“.

Проектот ќе започне со сеопфатна компаративна анализа на поимот јавен интерес во Македонија, како тоа е регулирано во националната и европската легислатива и што пошироката јавност во земјата смета дека е јавен интерес. Преку анализи, дискусии и документи за јавни политки, ИКС ќе обезбеди јасна претстава за клучните аспекти на јавниот интерес, на пример, како граѓаните можат да влијаат врз креирањето на политиките, како новинарите ги покриваат темите од јавен интерес, балансирањето на јавниот интерес во однос на човековите права, улогата на судиите и одговорноста на Владата во заштитата на јавниот интерес итн.

Институтот ќе креира генерално упатство за новинарство од јавен интерес, што ќе содржи и тест за јавен интерес, со кое треба да се заштити јавноста од несовесно новинарство и незаконски медиумски практики, како и да се врати довербата во медиумите преку транспарентни механизми на одговорност. Со упатството ќе се постават стандарди за производство или за презентирање на медиумски производи. Исто така, ќе се обезбедат совети за медиумските професионалци за справување со уредувачките предизвици и продуцирање на содржини на највисоко етичко ниво кога се работи се јавниот интерес. Тестот за јавен интерес ќе ги оспособи новинарите како да постапат кога имаат дилеми околу известувањето за благосостојбата и безбедноста на јавноста. Институтот ќе работи директно и со пет медиуми на национално и регионално ниво за развивање на редакциски упатства за уредувачка политика и продукција.

За да се достигне поширока публика, ИКС ќе користи посебно развиена веб платформа „Res Publica“ на која ќе ги поттикнува граѓаните, новинарите и експертите да пишуваат блогови и да дебатираат за прашања од јавен интерес. На овој начин, ИКС ќе креира професионална мрежа која во континуитет ќе анализира и ќе ја запознава јавноста со проблемите од јавен интерес.

Проектот е финансиран од Амбасадата на Велика Британија во Република Македонија.