Радио емисии низ целиот Балкан преку проектот Екс-Ју
Студенти на Високата школа ќе работат радио емисии со нивни колеги од Виена и од Сараево. Во текот на следните две години, студентите од трите земји, ќе се обучуваат во Австрија, Македонија и Босна и Херцеговина.
Обуките и радио-продукцијата се дел од проектот Екс-Ју (Ex-You), кој е заснован на партнерство меѓу виенското радио Оринџ, Високата школа за новинарство и за односи со јавноста од Скопје и Естудент, студентското радио од Сараево.
Проектот, кој е финансиран преку програмата Еразмус+ има за цел поттикнување на учење и дебата за демократските начела, граѓанско учество во процесот на креирање одлуки, непосредно запознавање на историските и заеднички вредности, особено низ призмата на младите од Европа и особено од земјите за поранешна Југославија.
На првиот состанок во Виена кој се одржа на 15 и 16 април, беше договорено секој од партнерите да номинира по четири учесници/студенти кои ќе поминат вкупно четири специјализирани обуки за радио новинарство, медиумско право, слобода на изразување, како и основи на медиумска писменост. Проектот ќе резултура со продукција на 12 радио-емисии, емитувани на радио-станица во секоја од државите-партнери, прирачници и шест вебинари.
Бојан Георгиевски и Александра Теменугова ќе го раководат проектот од името на Високата школа.