fbpx

 

 

За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

Процена на студиските програми по новинарство на Балканот

Високата школа за новинарство и за односи со јавноста ќе учествува во компаративна процена на студиските програми за новинарство во седум балкански држави преку Новинарскиот проект „Некст“ (Journalism NEXT Project). Целта на овој истражувачки проект е да утврди дали наставните програми во Македонија, Косово, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Турција ги задоволуваат специфичните потреби на овие земји во однос на притисокот за демократизација.

Врз основа на принципите и конкретните решенија на неколку меѓународни наставни програми по новинарство, проектот ќе изготви „идеална“ програма што ќе се користи како референтна точка во проценката на наставните програми по новинарство во земјите вклучени во истражувањето. Моделот на УНЕСКО за новинарско образование, принципите на Декларацијата од Тарту на Европската асоцијација за образование на новинари, Колеџот на Би-Би-Си за новинарство и Новинарското образование на КАС за Југоисточна Европа ќе се користат како референтни модели.

Понатаму, ќе се направи преглед на литературата за новинарско образование во сите седум држави и ќе се анализираат препораките во политиките за унапредување на наставните планови и програми во соодветните земји. Тоа ќе послужи како основа за проценката до кој степен анализите и препораките веќе се инкорпорирани во принципите на наставните програми.

Проектот ќе ги анализира и наставните програми по новинарство на високообразовните институции и колку се тие во согласност со референтните модели на ова истражување. Ќе се прават интервјуа со клучните засегнати страни кои треба да понудат препораки за идната пракса. На крајот, тој ќе резултира со пишана сеопфатна анализа која ќе биде споделена онлајн со сите засегнати страни во седумте балкански држави.

Новинарскиот проект „Некст“ е проект на Европската Унија, чиј имплементатор е УНЕСКО, а Високата школа е вклучена во проектот преку нејзината Катедра за медиуми, дијалог и заемно разбирање доделена од УНЕСКО.