fbpx

 

 

За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

Првите магистри ги одбранија нивните трудови

Четири постдипломки на магистерските студии успешно ги одбранија нивните трудови во текот на септември и октомври и се стекнаа со научно звање магистер по менаџирање на стратегиски комуникации. Kомисиите за одбрана ги оценија магистерските работи како научно и стручно издржани, кои можат да служат како дополнување на досегашните достигнувања на теоријата и праксата. Покрај тоа што претставуваат интересно четиво од академски аспект, магистерските работи имаат и практична тежина и можат да се препорачаат на сите професионалци кои работат во областа на комуникациите.

М-р Татјана Митевска во заклучните сознанија на нејзиниот труд „Перцепциите и искуствата на македонските професионалци во однос на компетенциите за интеркултурна комуникација во мешани македонско-американски тимови“ извлекува вредни сознанија во однос на специфичноста на интеркултурната комуникација помеѓу претставници на македонската и американската култура. Авторката утврдува лепеза на компетенции и вештини потребни за успешна интеркултурна комуникација во македонско-американски тимови, во кои предничат комуникациските вештини. Истражувањето ја утврдува и потребата од обуки за интеркултурна комуникација за полесно надминување на културните разлики и постигнување на успешно интеркултурно комуницирање.

Во магистерската работа „Улогата на корпоративното комуницирање во градењето силни брендови во прехранбената индустрија во Република Македонија“ на м-р Верица Јорданова предмет на истражување е улогата на корпоративната комуникација во процесот на градење на успешните брендови во индустријата на храна и пијалоци во Македонија, што претставува исклучително актуелна тема со оглед на глобалните движења во оваа индустрија. Оваа магистерска работа го потврдува влијанието на корпоративните комуникации врз корпоративниот бренд и укажува на неопходноста за креирање на стратешка рамка за управување со корпоративните комуникации.

М-р Кристина Георгиева во магистерскиот труд „Улогата и значењето на корпоративната општествена одговорност во фармацевтската индустрија“ ги идентификува современите концепти на општествената одговорност за постигнување рамнотежа помеѓу профитабилноста и етичноста, а која обезбедува перспективен раст и развој на организацијата. Магистерската работа претставува солидна основа и предизвик за натамошно уште попродлабочено истражување на етички вредните практики на корпоративната општествена одговорност и нивно пресликување и преадаптација во современото македонско општество.

Магистерската работа „Национално брендирање и јавна дипломатија на Република Македонија – Постојни практики и состојба“ на м-р Верица А. Спасовиќ докажува дека имиџот и репутацијата на Република Македонија во странство, а со тоа и на успешноста на јавната дипломатија е во директна зависност од постоењето на јасно утврден национален бренд, чии специфики се опишани во трудот. Авторката анализира колку промоцијата на извозот и туризмот, културната размена, инвестициите и стопанската размена, но и политичката дипломатија и стабилната внатрешно-политичка состојба се користат и комбинираат во пристапите на надворешната политика и настапите во странство.

Погледнете ја галеријата од одбраната на магистерските работи