fbpx

 

 

За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

По притисок на јавноста, Министерството за економија ги повлекува измените на Законот за минерални суровини

Министерството за економија ги повлече измените на Законот за минерални суровини од скратена собраниска постапка после притисокот од Алијансата за застапување и лобирање „Разбистри сè“, составена од 48 граѓански организации, високообразовани институции и медиуми. Алијансата „Разбистри сè“ бара од Министерството за економија да ги вклучи експертската јавност и сите заинтересирани граѓани во процесот на креирање и усвојување на законот и да им овозможи да дадат предлози за подобрувања на законскиот текст.

Алијансата „Разбистри сè“ стои на располагање на Министерството за економија заедно да организираат јавна расправа и консултации со што е можно повеќе страни кои се засегнати од одредбите на Законот за минерални суровини и на тој начин да се обезбеди учество на јавноста и услови за нејзино изјаснување во врска со законот.

Алијансата смета дека можностите за какви било недоразбирања и недоречености во врска со законските измени ќе бидат минимални, само доколку процесот на донесување на Законот е јавен и инклузивен. Токму затоа „Разбистри сè“ бара предлог-законот да се врати во редовна собраниска постапка каде ќе може да ги образложи своите предлози за подобрување на текстот и зошто не се согласува со некои предложени решенија.

Алијансата „Разбистри сè“ смета дека законските измени се потребни, но тие мора да се донесат во редовна собраниска процедура. Потребното интегрирање на нови, усогласени и урамнотежени решенија во законскиот текст е единствено можно само после широка експертска и јавна дискусија. Со ставање на нов усогласен предлог-закон во редовна собраниска процедура, односно, со негово јавно објавување на ЕНЕР, со две читања во Собранието на РСМ и со одржување собраниска јавна расправа, дополнително ќе се обезбеди тој да биде усвоен низ отворен и транспарентен процес со вклученост на сите засегнати страни.

Според Архуската конвенција, Министерството за економија, како носител на директни или индиректни обврски во областа на управувањето со животната средина, е обврзано да овозможи учество на јавноста во процесот на креирање на законите, правилниците и другите правни акти во врска со геолошките истражувања и експлоатацијата на минералните суровини. Оттука, Алијансата „Разбистри сè“ очекува дека Министерството ќе ги обезбеди сите потребни мерки со кои ќе се обезбеди правото на јавноста да учествува во донесувањето на Законот за минерални суровини.

Алијансата за застапување и лобирање е предводена од Институтот за комуникациски студии како дел од кампањата „Разбистри сè“.

Лице за контакт: Дејан Андонов, координатор на камапњата за застапување и лобирање „Разбистри сè” – ; 071 317 661