fbpx

 

 

За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

Одржани четири работилници со новинари за новинарство од јавен интерес

Институтот за комуницикациски студии (ИКС) во октомври и ноември организираше четири работни средби со претставници на различни медиуми во Македонија со цел да се утврди дали и на кој начин во редакциите се практикува новинарство од јавен интерес. На средбите се разговараше дали медиумите имаат свои интерни новинарски кодекси или насоки за продуцирање медиумски содржини, начините на кои се носат одлуки во редакцијата кои содржини ќе бидат публикувани, на кое место, потоа дали се прави разлика меѓу јавен, државен и национален интерес, колку е познат концептот за тестот за јавен интерес и сл.

Циклусот работилници таргетираше различни медиуми и професионалци: со уредници и сопственици на локални и регионални медиуми, онлајн страници кои продуцираат вести, главни и одговорни уредници на печатени и електронски медиуми и медиумски сопственици.

Одговорите од новинарите, уредниците и сопствениците на медиуми ќе бидат основа за Насоките за новинарство од јавен интерес, вклучувајќи го прв пат и тестот за новинарство од јавен интерес, кои што ИКС ќе ги креира во 2016 година. Прирачникот ќе содржи практични совети за новинарите, уредниците и другите медиумските професионалци за успешно справување со уредувачките предизвици при продуцирање содржини од јавен интерес.

Документот ќе содржи и т.н. тест за јавен интерес, кој треба да им помогне на новинарите да постапат професионално и совесно во секојдневните дилеми при известувањето за теми кои се однесуваат на општото добро на граѓаните и јавноста. При креирањето на овој документ, ИКС го консултираше Џон Овен, долгогодишен новинар и уредник во бројни медиумски куќи во светот и професор на Сити Универзитетот од Лондон.

Оваа иницијатива за соработка со медиумите е дел од проектот на ИКС „Изразување на јавниот интерес: Зајакнување на капацитетот на медиумите и граѓаните за заштита на јавните политики во Македонија“, кој има за цел подигнување на свеста на граѓаните и на медиумските професионалци за значењето на јавниот интерес во одржувањето на принципите на доброто управување. Проектот е поддржан од Британската амбасада во Скопје.