fbpx

 

 

За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

Одржана меѓународната научна конференција „Медиумска историја и трансформација“

Проблемите со кои се соочува медиумската индустрија во Косово, Албанија и Македонија се слични на оние во Италија и земјите на ЕУ. Овие земји се соочуваат со технолошки детерминизам, каде општествениот капитал и вредностите во општеството не се создаваат во социјалните медиуми.

Ова беа некои од заклучоците од втората меѓународна научна конференција „Медиумска историја и трансформација“ која се одржа на 23-ти септември во Приштина, Косово, а беше организирана од ААБ колеџот (Косово), Универзитетот во Перуџа (Италија), Универзитетот во Тирана и Универзитетот Бедер (Албанија), Универзитетот Елбасан (Албанија), Високата школа за новинарство и односи со јавноста и Институтот за комуникациски студии (Македонија).

Професорот од Универзитетот во Перуџа, Роландо Марини, во своето обраќање истакна дека Косово, но и другите земји кои земаа учество на конференцијата, ги имаат истите проблеми кои ги има и западниот свет во поглед на структуралните и општествените предизвици со кои се соочуваат тамошните медиуми. Притоа, останува загриженоста за тоа како да се зајакне социјализацијата и споделување на вредностите преку онлајн комуникациите и социјалните медиуми.

Директорката на Институтот за комуникациски студии, Жанета Трајкоска посочи дека еден од главните проблеми со кои се соочуваат медиумите на Балканот е вмешаноста на политиката во медиумската индустрија, воспоставувањето уредувачка контрола преку луѓе инфилтрирани во медиумите и вложувањето во медиумите со цел над нив да се воспостави финансиска контрола. Таа забележа дека поради овие причини, јавноста не може да разликува помеѓу вистински и лажни, манипулирани информации или пропаганда.

Професорот од Универзитетот Бедер, Рамадан Чипури, истакна дека е време Албанија, во соработка со Косово, да изработи текст за медиумско образование кој би бил дел од универзитетските наставни програми во регионот.

На конференцијата 44 научници од Косово, Италија, Македонија, Албанија, Македонија, Норвешка и Германија ги презентираа своите трудови од областа на радио и ТВ трансформација, влијанието на новите медиуми врз општествено-политичкиот простор во регионот, популарноста на традиционалните медиуми и нивното влијание врз јавното мислење, медиумска култура, вистината и пост-вистината (post-truth) во денешните медиуми, еволуцијата на говорот на омраза на интернет и повеќе други теми.