МОДЕМ: Медиумската слика останува иста – критички наспроти провладини медиуми
Медиумската слика за политичкиот плурализам во Македонија останува иста како и пред една година. Телевизиите 24 Вести, Телма, Алсат М и ТВ 21 продолжија да ги следат политичките случувања од неутрална позиција и критички да ја опсервираат работата на јавните институции, што всушност е основна улога на професионалното новинарство кое го штити јавниот интерес. Од друга страна, кај телевизиите Сител, Алфа, ТВ Нова и Канал 5 повторно доминираат ставовите на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и известувањата за проектите и за достигнувањата на нејзините функционери.
Ова е генералниот заклучок од извештајот на Мониторингот на демократијата во Македонија – МОДЕМ, кој се однесува на медиумските содржини емитувани на Јавниот радиодифузен сервис и на комерцијалните телевизии со национална концесија во периодот од 13 до 17 и од 20 до 24 февруари 2017.
Анализата е спроведена во период во кој формирањето на новата влада се уште беше неизвесно, бидејќи преговорите на ВМРО-ДПМНЕ со ДУИ не успеаја, а СДСМ поднесе 67 потписи до Претседателот на државата очекувајќи да му биде доделен мандатот. Периодот на мониторирање заврши пред 1 март, кога Иванов соопшти дека не го доделува мандатот на ниту една партија и со тоа ја продлабочи кризата. Оттаму, оваа тема беше доминантна во 10-те набљудувани дена, но поединечно телевизиите се разликуваа во обемот на известување и приодот кон темата.
Во вестите на ТВ21, Алсат М и Сител се емитуваа најмногу прилози на оваа тема, додека за телевизиите 24 Вести, МТВ 2 и Канал 5 тоа беше работата на јавните институции (но, од различен агол). Во вестите на Алфа оваа тема беше помалку застапена од промоцијата на проектите и мерките на се’ уште актуелната влада и на другите институции, како на општините. Поради техничкиот карактер на Владата и неизвесноста од одржувањето на локалните избори, ваквите најави на функционерите, кои главно доаѓаа од партијата ВМРО-ДПМНЕ, можеа да имаат карактер само на партиски ветувања, но надвор од период на изборна кампања. Кај телевизијата Сител се забележани негативен говор (кон новинарот Бранко Героски) и стереотипизација на етничка група (кон албанската етничка заедница).
Основна карактеристика на вестите на МТВ1 е едноставното (стерилно) известување, без подлабоко навлегување во темите од јавен интерес и критичка опсервација на работата на институциите, ниту пак доминира некој став на одреден субјект над другите. За активностите на главните политички субјекти Јавниот сервис објави по обем повеќе информации за ВМРО-ДПМНЕ и функционерите во власта од оваа партија наспроти информациите за СДСМ и за нејзините функционери во власта. Беа забележани 10-тина примери на фаворизирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ, сите преку промовирањето проекти на владини институции, чии носители на функциите доаѓаат токму од оваа партија.
Со редовната работа на државните и на локалните институции најмногу се занимаваа критичките телевизии (24 Вести, Телма, Алсат М и ТВ21), а доколку таа тема ја имаше на провладините телевизии, аголот на известување беше позитивен и фаворизирачки за функционерите на ВМРО-ДПМНЕ. Провладините медиуми продолжија и со напаѓачкиот стил на известување кон невладините, граѓанските организации, кои повторно се поврзуваа со т.н. процес на ‘десоросоизација’.
Резултатите во овој извештај се добиени од анализата на вестите на 12 телевиии: МТВ1, МТВ2, Сител, Телма, 24 Вести, Канал 5, Алфа, Алсат М (на македонски и на албански јазик), ТВ 21 (на македонски и на албански јазик) и ТВ Нова.
МОДЕМ се реализира од Институтот за комуникациски студии и е поддржан од Британската амбасада во Македонија.