fbpx

 

 

За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

МОДЕМ: Едноставно пренесување на настани, без новинарска ангажираност

Телевизиските вести се сведуваат на едноставно пренесување на настаните, но не и на новинарска ангажираност. Од 12 мониторирани телевизии, кај седум во прилозите се користи само еден извор на информирање (со исклучок на МТВ 2, Алсат М и ТВ 21), без разлика што во најголем број од случаите на едниот прилог следува прилог реакција за контратежа. Тоа можеби не влијае на вкупната слика на избалансираност на вестите, но се одразува на новинарското правило за консултирање на „двете страни“ во прилогот.

Ова е генералниот заклучок од извештајот на Мониторингот на демократијата во македонија – МОДЕМ, кој се однесува на медиумските содржини емитувани на Јавниот радиодифузен сервис и на комерцијалните телевизии со национална концесија во периодот од 3 до 14 октомври 2016 година.

Како што се приближува почетокот на изборната кампања, така се зголемува бројот на прилозите кои се однесуваат на предизборните партиски активности. Оваа тема беше доминантна најмногу во вестите на Канал 5, Сител, ТВ Нова и Алфа. Притоа, кај овие телевизии забележителен е дисбаланс во застапеноста на политичките субјекти, во прилог на ВМРО-ДПМНЕ, а за сметка на опозициската СДСМ, и промовирање на владини мерки и активности од министрите од ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Груевски. На овој начин, тие повторно ја бришат границата меѓу партијата и државните институции.

МРТВ информира за сите актуелно-политички настани, без да навлегува во анализи, и без заземање ниту афирмативен, ниту негативен, ниту пак критички новинарски став. За активностите на главните политички субјекти Јавниот сервис известува избалансирано, но ако се додаде бројот на објавени информации за активностите на функционерите во власта, значително поголем обем информаци се објавени за ВМРО-ДПМНЕ и нејзините функционери, отколку за СДСМ и нејзините функционери.

Неколкуте неутрално-критички телевизии (Телма, 24 Вести, Алсат М, ТВ 21) продолжија со следењето на редовната работа на државните и на јавните институции, нивните евентуални потфрлања да си ги исполнат обврските, без да им се дава партиски белег, што и натаму беше доминантна тема во оваа фаза од предизборниот период.

Резултатите во овој извештај се добиени од анализата на вестите на 12 телевиии: МТВ1, МТВ2, Сител, Телма, 24 Вести, Канал 5, Алфа, Алсат М (на македонски и на албански јазик), ТВ 21 (на македонски и на албански јазик) и ТВ Нова.

МОДЕМ се реализира во рамките на проектот „Изразување на јавниот интерес: зголемување на моќта на граѓанските организации во Македонија“, што го спроведува Институтот за комуникациски студии, поддржан од Британската амбасада во Скопје.

Инфографикон 1

Инфографикон 2