Магистерска работа за одржливоста на регионалните телевизии во Македонија
„Улогата и одржливоста на регионалните телевизии во Република Македонија“ е насловот на магистерската работа на Меваип Абдиу, кој после успешната одбрана е првиот магистар по менаџирање на медиуми и мултимедија на Институтот за комуникациски студии.
Во својот труд Абдиу ја проучува улогата и одржливоста на регионалните телевизии во контекст на дигитализацијата спроведена во 2013 година, тема која е важна и од општествен аспект и академски аспект. Општествениот аспект се состои во фактот што регионалните телевизии добија нов статус во македонскиот медиумски систем, а со процесот на дигитализација постојат значително зголемени очекувања од јавноста. Додека академската оправданост се состои во оргиналноста на трудот, бидејќи научно се осврнува на регионалните телевизии во Македонија како исклучително значаен информативен агенс на изразување на конкретните интереси на граѓаните, тема која до денеска е многу малку допрена од истражувачите.
Комисијата за одбрана, составена од менторот д-р Сефер Тахири и професорите д-р Дејан Донев и д-р Снежана Трпевска, го оцени трудот како исклучително важен за комуникологијата како наука бидејќи е од голем придонес за надминување на тешкотиите со кои се соочуваат регионалните телевизии во Македонија, а истовремено може да претставува поттик за други истражувачи да се зафатат со истражување во чиј фокус ќе биде овој вид на медиум.