fbpx

 

 

За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

Избрани победниците на конкурсот за најдобар блог „Имаш ли (по)добра идеја?“

Комисијата за селекција ги избра победниците на конкурсот за најдобар блог „Имаш ли (по)подобра идеја?“ кој го организираа Рес публика и ИКС.

Пристигнатите текстови се осврнуваа на различни проблеми во општеството, и понудија решенија за тие проблеми кои би го подобриле животот на граѓаните. Блоговите опфаќаа економски прашања, проблеми во здравството, животната средина, образованието и повеќе други области од јавен интерес. Во голема конкуренција, Комисијата ги додели првите три места на следните блогови.

Победник на конкурсот:

  1. Соња Стојадиновиќ („Пренамена на јавниот простор: подобрување на квалитетот на живот“).

Добитници на ваучер од Академска книга (второ и трето место):

  1. Петар Тодоровски („Како до повеќе, и подобра правна помош за граѓаните“).
  2. Наталија Шикова („Пазарна или праведна цена за борба со КОВИД-19?“).

Дополнително, Комисијата одлучи дека блоговите изработени од Сергеј Зафироски (Економска помош во време на пандемија), Љупка Јаневска (Како да го решиме аерозагадувањето), Лука Павичевиќ (Реформи во законодавните постапки), Радован Спиридонов/Стефан Солев (Предизвици за земјите во развој) и Филип Клетников (Општествени суперструктури) ги исполнуваат условите за објава и во следниот период ќе бидат објавени на Рес публика.

Околу победничките блогови

Победничкиот блог на Соња Стојадиновиќ се фокусира на можноста за пренамена на напуштените објекти низ Македонија и како со нивната пренамена може да се подобри квалитетот на животот и здравјето на граѓаните. Водејќи се од принципите на циркуларна економија и директна демократија, таа нуди предлози за пренамена на објекти низ Скопје и неколку други градови низ Македонија, потенцирајќи ја важноста од граѓанско учество во целиот процес.

Блогот кој се најде на второ место, дело на Петар Тодоровски, се осврнува на проблемот на граѓаните во нивната потрага по ефикасна правда. Притоа, тој нагласува дека судовите, односно нивната корумпираност, не е главниот проблем. Ниското познавање на граѓаните за правните постапки но и недостатокот на пристап до правен совет е она што ги попречува да ги остварат своите права. Тој нуди неколку соодветни реформи што ќе го скратат патот до правдата за граѓаните.

Треторангираниот блог на Наталија Шикова се фокусира на проблемот со превисоките цени на ПЦР тестовите. Во услови кога државните здравствени установи се соочуваат со огромни бројки на пациенти, граѓаните мораат да чекаат со денови пред да се тестираат. Поради тоа, тие се приморани да се обратат до приватните лаборатории каде што мораат да платат далеку повисоки цени. Таа предлага начини преку кои државата може да интервенира во регулирање на цената на ПЦР тестовите, со што граѓаните полесно ќе дојдат до здравствена помош.

Честитки за победниците и огромна благодарност до сите што ги испратија своите текстови.