Странско мешање и манипулација со информации (СММИ) во С. Македонија: Основна проценка на институционалната подготвеност, рамките за координација и капацитетите за одговор
Еволуцијата на современиот информациски пејзаж ја доведе Северна Македонија пред суштински важна крстосница. Хибридните закани, кампањите за странско мешање и манипулации со информации (СММИ) се аспекти кои сè повеќе се идентификуваат во националните стратегии како примарна закана за безбедноста и демократската стабилност, и притоа преминот од општото нивно препознавање кон конкретна подготвеност на оперативно ниво е аспект кој и понатаму претставува значаен предизвик. Сегашните институционални одговори честопати се фрагментирани, и тоа делумно поради тоа што се обидуваат да ги усогласат дефинициите кои се применуваат во политиките на високо ниво со хаотичната реалност на дигиталната средина во која вистинскиот идентитет на актерите честопати не е познат.
Во насока на надминување на оваа состојба, документот поаѓа од ставот дека, иако СММИ останува примарна стратешка грижа, оперативната влезна точка за институциите треба да биде поширокиот концепт на операции за манипулирање со информации (ОМИ). Овој пристап ја зема предвид основната реалност на информациската „сива зона“: во раните фази на еден инцидент, многу ретко може веднаш и со сигурност да се утврди дали станува збор за странско или домашно мешање и манипулирање со информации (ДММИ), особено без форензички, технички или разузнавачки податоци.

