Медиумскиот пристап кон силувањето и согласноста
Родово базираното насилство претставува една од најсериозните форми на нарушување на човековите права, со длабоки индивидуални и општествени последици. Во овој контекст, медиумите имаат клучна улога како платформа за информирање, образование и подигање на јавната свест, истовремено носејќи голема одговорност во тоа како известуваат за случаите на родово базирано насилство. Медиумите имаат моќ да го обликуваат јавното мислење, да ги нормализираат или да ги разбиваат родовите стереотипи и да придонесат кон создавање општество што ги препознава и се бори против различните форми на ваквиот тип насилство.
Несоодветното известување за случаите на родово базирано насилство, особено на сексуално насилство, може да резултира со сериозни последици за жртвите, како што е двојна виктимизација, како процес во кој медиумското внимание дополнително и повеќекратно ја трауматизира жртвата. Сензационалистичкиот јазик, непочитувањето на приватноста, како и игнорирањето на етичките стандарди при известувањето за сензитивни случаи, може да предизвикаат долготрајни психолошки и општествени последици. Наместо да бидат сојузници во борбата против насилството, медиумите често несвесно стануваат дел од проблемот, потхранувајќи ги стереотипите и културата на толерирање и нормализирање на насилството.