За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

Истражување на јавното мислење: Практиките и перцепциите на граѓаните во поглед на информирањето и справувањето со дезинформациите

Во рамките на овој извештај презентирани се наодите од истражувањето на јавното мислење за практиките и перцепциите на граѓаните во поглед на информирањето и справувањето со дезинформациите. Ова истражување има цел да испита на кој начин граѓаните добиваат информации, кои теми најмногу ги интересираат, како го перципираат известувањето на медиумите, нивните ставови за транспарентноста и отчетноста на државните институции, како и нивните стратегии за справување со дезинформации. Истражувањето е дел од проектот „Користи факти“, кој го реализира Институтот за комуникациски студии во периодот 2022-2025 година, со финансиска поддршка од британската амбасада во Скопје. Проектот има цел да ги зголеми свесноста и отпорноста на јавноста, особено на ранливите категории во Северна Македонија, кон дезинформациите.

Ова е четврто истражување спроведено во рамките на проектот, овозможувајќи компаративна анализа на резултатите во одредени области. Анкетата беше реализирана на репрезентативен примерок од 1.000 полнолетни граѓани од различни региони низ земјата, а спроведувач на истражувањето беше Институтот за демократија „Социетас цивилис“. Податоците беа собрани преку телефонска анкета во периодот од 5 до 25 февруари 2025 година. Важно е да се истакне дека во дел од прашањата испитаниците имаа можност да изберат повеќе од еден одговор, што резултираше со збир на процентите по одредени прашања што надминува 100%.