fbpx

 

 

За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

Мониторинг на демократијата во Македонија (МОДЕМ)

МОДЕМ се фокусира на набљудување на медиумските содржини и изработка на анализи кои треба да докажат дали постои корозирано медиумско известување кое го загрозува политичкиот плурализам во предизборниот и изборниот процес. Добиените анализи и податоци ќе им користат на граѓаните, цивилниот сектор, медиумските организации, носителите на одлуки и на меѓународната заедница при креирање поткрепени ставови и аргументи за иницирање политики.

МОДЕМ се состои од три меѓусебно поврзани елементи:

  • Механизам за набљудување и реакција кој: (1) ги следи и анализира медиумските содржини на националните телевизии, и (2) ефективно и навремено реагира врз основа на наодите од мониторингот со неделни и месечни анализи. Неговата цел е да го набљудува и оценува медиумското претставување на одредени политички актери во предизборниот период и за време на официјалната изборна кампања со цел да утврди прекршувања на законските норми и на професионалните новинарски стандарди. Оваа активност ја спроведува искусен тим на ИКС кој се состои истражувачи и аналитичари на медиуми кои вршат мониторинг на информативните програми и дебатни емисии на Јавниот радиодифузен сервис и комерцијалните телевизии со национална концесија во периодот од ноември 2015 до април 2016. Врз основа на претходно утврдена методологија, Механизмот за набљудување и реакција објавува месечни реакции.
  • Квалитативна анализа на медиумското известување (анализа на врамувањето) за време на изборната кампања. Јавната претстава за политичките партии, кандидати или лидери не се обликува само преку обемот на времето што им се доделува, туку и преку начинот на кој тие се претставени. Затоа со проектот ќе се анализира дали медиумите ги почитуваат професионалните новинарски стандарди и етичките норми да известуваат непристрасно и избалансирано за различните политички субјекти и да не изразуваат политичка наклонетост на начин што ќе фаворизираат едно, односно напаѓаат друго гледиште. По завршувањето на изборите, ИКС ќе ги претстави клучните наоди од оваа квалитативна анализа на медиумско следење.
  • Активности за подигнување на критичката свесност за формите на политичка манипулација во медиумите и информирање на јавноста за политичкиот плурализам и слободна политичка дебата. Месечните извештаи за наодите во анализите на Механизмот за набљудување и следење редовно ќе се доставуваат до јавните институции, политичките партии, невладините организации, меѓународната заедница и медиумите со цел да промовираат критички ставови, дебати и граѓанска партиципативност во предизборниот период и за време на изборната кампања. По завршувањето на изборната кампања, ИКС ќе ги сумира клучните наоди од сите анализи и извештаи од медиумското известување и ќе даде препораки и предлог мерки кои би можеле да се инкорпорираат во постоечката медиумска регулатива и само-регулаторните механизми со цел во иднина да се промовира политичкиот плурализам во медиумите.
Донатори и партнери: