fbpx

 

 

За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

Започна кампањата „Разбистри сè“ за заштита и ефикасен инспекциски надзор врз природните ресурси

Водата во Македонија не ја добива потребната заштита и не се користи рационално, а сите граѓани немаат пристап до здравствено исправна вода за пиење и санитарни услови. Одговорните институции немаат капацитет и опрема за спроведување на Законот за води и не се одвојуваат доволно пари од државниот буџет. Прекумерно и неконтролирано искористување постои и кај останатите природни ресурси. Концесионерите за ископ на минерални суровини не ги исполнуваат задолженијата кон државата, македонските шуми се пустошат, а без закон за почвите тие се препуштени на загадување. Континуираното експлоатирање и уништување на природните ресурси се должи, пред сé, на нефункционалноста на државните институции и нискиот степен на казнивост на загадувачите.

Тргнувајќи од овие проблеми, Институтот за комуникациски студии (ИКС) денеска ја  започна кампањата за застапување и лобирање „Разбистри сè“. Кампањата во текот на наредната година ќе се фокусира на потребата за одржливо управување со водата и за поефикасен инспекциски надзор против прекумерното искористување на природните ресурси. „Разбистри сè“ има за цел да ја подигне свесноста на граѓаните за овие проблеми и да го зголеми влијанието за носење или промени на јавните политики. Кампањата ќе се реализира со поддршка и заеднички активности од Алијансата за застапување и лобирање, која во моментов ја сочинуваат 43 граѓански организации, факултети и медиуми и кон која може да се приклучат сите засегнати од загрозувањето на природните ресурси во Македонија.

„Информациите за заштитата на животната средина се исклучителен важен фактор за воспоставување квалитетен живот за сите нас, но и отчетност и транспарентност на институциите. Сакаме да живееме во зелена држава и затоа ги повикувам сите кои сакаат да придонесат во наредната година да ни се приклучат и заедно да ги направиме оние промени кои ќе ни донесат и почиста вода и почисти природни убавини“, изјави директорката на ИКС Жанета Трајкоска на денешното претставување на кампањата.

Британската амбасадорка Рејчел Галовеј вели дека за повторно да ја воспостави својата доверба, Владата мора да се посвети на прашања кои најмногу ги засегаат граѓаните. „Еколошките проблеми со кои се соочува Македонија се комплексни, што вклучува правосудна, социјална, политичка димензија. Справувањето со овие димензии мора да вклучува ангажираност, одговорност и придонес од сите релевантни засегнати страни и потоа заеднички ние ќе можеме да направиме промена“, изјави Галовеј.

Кампањата „Разбистри сè“ ќе се заснова на податоците и конкретните решенија понудени во два документа за јавни политики кои ги издаде Институтот за комуникациски студии.

Документот „Како да ја користиме и заштитиме водата“ дава увид во тековните проблеми со управувањето на водните ресурси. Во него се наведува дека се поттикнува изградба на мали хидроелектрани кои го загрозуваат водниот екосистем, се пречистуваат само околу 3-4 проценти од отпадните води од рударството и индустријата, а водата ја загадуваат дури и јавните комунални претпријатија. Притоа, не се плаќа надомест за испуштање на отпадните води, а постојните канализациски системи се во лоша состојба. Дури 11,1 процент од домаќинствата во Македонија немаат пристап до вода за пиење и водата од селските системи за водоснабдување не е безбедна. Се злоупотребува и водата за наводнување, а ископот на песок, чакал и камен од крајбрежјата станува нелегален бизнис.

„Главен проблем во областа на води е неспроведувањето на законските обврски од страна на физички и правни лица, но и од повеќе државни органи Основната причина поради која тоа се случува е најчесто буџетските ограничувања“, вели проф. д-р Билјана Пулевска Јанушевска, авторка на документот за јавна политика за управување со водите.

Во вториот документ „Со ефективен инспекциски надзор против прекумерното искористување на природните ресурси“ пишува дека рудниците на јаглен и металични суровини сериозно влијаат врз животната средина и здравјето на населението, обработливото земјиште се узурпира и губи, а долгорочен проблем претставува и нелегалната сеча на шумите. За поефикасен инспекциски надзор, потребни се повеќе и обучени инспектори за животна средина, подобро планирање и координирање на инспекцискиот надзор, подобра опрема за работа, бази на податоци за потенцијалните загадувачи, како и достапност на информациите за работата на инспекторатите за граѓаните.

„Но, како расте свеста за штетните последици од загадувањето на животната средина, така се зголемува и притисокот врз инспекторатите бидејќи граѓаните бараат резултати од нивното работење“, вели Кристина Најдовска Илиевски, една од авторите на документот за јавни политики за инспекцискито надзор врз управувањето со природните ресурси.

Кампањата за застапување и лобирање „Разбистри сè“ се спроведува во рамките на проектот „Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество“.

Снимката од прес конференцијата погледнете ја на ОВОЈ ЛИНК.

 

Листа на учесници во Алијансата за застапување и лобирање

Граѓански организации

  • Асоцијација за демократска иницијатива (АДИ)
  • Гоу грин
  • Еко свест
  • Здружение на бизнис жени
  • Зелен институт
  • Институт за демократија „Социетас Цивилис“ (ИДСЦС)
  • Институт за европска политика (ЕПИ)
  • Коцка – тренинг центар
  • Македонски центар за меѓународна соработка (МЦМС)
  • Македонско здружение на млади правници
  • Младински културен центар – Битола
  • Младински образовен форум (МОФ)
  • Национален младински совет на Македонија
  • Не биди ѓубре
  • О2 Иницијатива за чист воздух
  • Охрид ЅОЅ
  • Планетум – Струмица
  • Специјална олимпијада Македонија
  • Флорозон – Центар за еколошка демократија
  • Фронт 21/42
  • Центар за економски анализи (ЦЕА)
  • Центар за правни истражувања и анализи (ЦПИА)
  • Eco Logic
  • Global Shaper Skopje Hub
  • Resource Environmental Center – North Macedonia

Факултети

  • Институт за биологија / Природно-математичи факултет, Скопје
  • Институт за географија / Природно-математичи факултет, Скопје
  • Факултет за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“, Скопје

Медиуми

  • А1он.мк
  • Коха
  • МКД.мк
  • ММС.мк
  • МТВ 1
  • МТВ 2
  • Нова Македонија
  • Радио Канал 77
  • Радио МОФ
  • ТВ 21
  • ТВ 24
  • ТВ Алсат-М
  • ТВ Канал 5
  • ТВ Сител
  • ТВ Телма
  • PressOnline.mk