fbpx

 

 

За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

Граѓански организации се обучуваат за застапување и лобирање во животната средина

Каков е контекстот за застапување и лобирање во животната средина, кои се страните кои се залагаат или се спротивставуваат на промените, што влијае на јавното мислење, зошто фактите се важни и како ефикасно да се користат.

Овие се некои од темите на кои повеќе од 20 граѓански организации и иницијативи наредните три дена ќе учат, ќе споделуваат искуства и ќе работат на реални случаи, на обуката за застапување и лобирање која ја организира Институтот за комуникациски студии (ИКС). Користејќи го ова знаење, алијансата составена од овие и други организации ќе спроведе кампања за застапување и лобирање во текот на наредната година, со цел да изврши притисок на Владата за одржливо управување и користење на природните ресурси.

„Драго ни е што организациите кои се овде се вклучени во самиот почеток на кампањата. Тоа ќе ни овозможи подобро да ги запознаеме нивните ставови, гледишта и цели, со цел заедно да ги идентификуваме целите за кои ќе се залагаме во кампањата за застапување“, изјави директорката на ИКС Жанета Трајкоска.

Ричард Малион од Британската амбасада, со чија поддршка ќе се реализира кампањата, вели дека за јавноста е интересно да забележи како една институција реагира на гласот на граѓаните. „Колку е поголем гласот, толку потешко е Владата да го игнорира. Социјалните медиуми даваат моќ да го искажат проблемот. Сепак, координацијата е клучна за да се слушне гласот“, кажа Малион.

На учесниците на обуката им се обрати заменичката министерка за животна средина и просторно планирање Христина Оџаклиеска, која рече дека ќе се залага за доследна примена на законите, стратегиските планови и реализација на активностите на терен. „Во програмата на Владата се внесени сериозни задачи и цели чија реализација на терен ќе придонесе за зачувување на животната средина. Во Министерството се работат 16 закони“, изјави Оџаклиеска.

Во текот на обуката, обучувачите – експерти по комуникации и искусни застапувачи од Велика Британија, ќе го пренесат своето знаење и искуство за планирање иницијативи за застапување, за ангажирање и вклучување на граѓаните, за работење едни со други при застапување на интересите на граѓаните и за артикулирање на барања базирани на докази за добро управување. Учесниците на обуката ќе стекнат вештини како да планираат и креираат комуникациска стратегија за поддршка на нивното застапување и лобирање, да поставуваат јасни и остварливи цели и да користат различни канали во застапувањето на решенијата за одреден проблем.

Алијансата за застапување и лобирање освен еколошки невладини организации и иницијативи, ја сочинуваат и организации кои работат во областа на правото, економијата, корупцијата, европските прашања, родовата еднаквост и поддршката на младите. Во кампањата ќе бидат поканети да се приклучат и факултети, средни училишта, медиуми и други граѓански активисти.

Активностите се реализираат во рамки на проекот „Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество“ кој го реализира Инистутот за комуникациски студии, поддржан од Британската амбасада во Скопје.