За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

доц. д-р Марина Тунева

Доктор по студии на културата, чија дисертација е на тема „Улогата на комуникациските стратегии во мултикултурните општества: студија на случај Охридски рамковен договор“. Магистрира на Институтот за безбедност, одбрана и мир на Филозофски факултет во Скопје, а заврши постдипломски студии по дипломатија на Универзитетот во Малта. Дипломира на интердисциплинарните студии по новинарство на Универзитетот Свети Кирил и Методиј во Скопје.

Марина Тунева е извршен директор на Советот за етика во медиумите на Македонија од 2015 година. Од 2008 година е предавач на Високата школа за новинарство и односи со јавноста. Како експерт на полето на односите со јавноста, известувањето за различностите, интеркултурните комуникации и етиката во новинарството, таа е активно вклучена во развивањето наставни програми и проекти во овие области во државата и на меѓународно ниво. Автор е на публикациите „Медиумите, граѓаните и интеркултурните комуникации“, „Прирачник за известување за различностите“, „Вовед во односите со јавноста“ и „Како да комуницирате со медиумите“.