fbpx

 

 

За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

Одговорно и отчетно владеење ќе овозможи остварување на јавниот интерес

Поголема транспарентност во работата на власта и овозможување суштинска дебата која ќе ги канализира ставовите на различни групи граѓани, се предуслови за одговорно и отчетно владеење. Само на овој начин ќе може целосно да се остварува јавниот интерес, кој во Македонија различни елити на моќ неретко го инструментализираат. Ова е еден од заклучоците од денешната конференција што ја организираше Институтот за комуникациски студии (ИКС) во рамки на проектот „Изразување на јавниот интерес: зголемување на моќта на медиумите и граѓаните во штитењето на јавните политики во Македонија“.

На конференцијата посебно внимание се обрна на улогата на медиумите во заштитата на јавниот интерес. Поради нарушениот интегритет на новинарската професија и кризата поради поданичната релација на медиумите зависни од политички и бизнис интереси, тие не ја извршуваат својата основна функција – да бидат коректори на власта и балансирано да ја информираат публиката, посочија новинарите и учесниците на настанот. Практиката покажува дека и јавната администрација затајува во својата базична функција – да му служи на граѓанинот, а не на политичките или партиски интереси. Дискусијата ја наметна дилемата дали во оваа криза во која се наоѓа Македонија, се потребни доблесни или умешни политичари.

Дел од овие прашања се анализирани во појдовниот извештај „Деконструирање на концептот на јавен интерес во Република Македонија: (зло)употреба во име на граѓаните“, кој денеска исто така беше промовиран на настанот. Во овој извештај е содржан сеопфатен преглед на тоа што претставува јавен интерес, како овој термин е употребуван во различни правни и етички контексти, трага по клучните чинители кои го штитат јавниот интерес во едно општество и ги идентификува најдобрите практики во областа. Акцент е ставен на јавниот интерес во правото, политиката и медиумите и цивилниот сектор, како и улогата која медиумите ја играат во заштитата на јавниот интерес.

Извештајот е достапен на платформата за дигитално граѓанство www.respublica.edu.mk.

Проектот е поддржан од Британската амбасада во Скопје.