fbpx

 

 

За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

Глобални односи и интеркултурни комуникации

четврти семестар

5 недели

7 ЕКТС кредити

проф. д-р Весна Шопар

  Опис на предметот

Предметот Глобални односи и интеркултурни комуникации изучува две меѓу себе поврзани тематски целини: светот на меѓусебна поврзаност и меѓусебна зависност  и интеркултурната комуникација. Опфаќа теми за еконoмските, политичките, општествените, идеолошките, технолошките димензии на глобалните односи, нивните позитивни и негативни аспекти и влијанието врз деловната политика, управувањето со интеркултурните односи и конфликти, трендовите во меѓународната деловна комуникација, пречките и предизвиците за постигнување на интеркултурното разбирање, различните деловни практики во остварувањето интеркултурна соработка и разбирање. Предметот ќе им помогне на студентите да ги разберат културните разлики и особености ширум светот и да се оспособат за организациска комуникација, интеркултурна медијација и способност за донесување на одлуки од суштинско значење за интеркултурните средини.

 Очекувани резултати

По завршувањето на предметот од студентите се очекуваат следниве резултати:

  • Да ги разбираат и толкуваат основните параметри, процеси, трендови и промени на глобалните односи, концептите за интеркултурна комуникација, интеркултурен конфликт, интеркултурен менаџмент и нивната интердисциплинарна природа, поврзаноста меѓу глобалниот и локалниот контекст, разбирање на мултикултурните глобални средини при спроведувањето на програми за односи со јавноста,
  • Да ги објаснуваат и анализираат димензиите, моделите и бариерите во интеркултурната комуникација, концептуалната рамка за природата на глобалните односи (глобализацијата), економските, политичките, општествените, културните, технолошките, медиумските детерминанти на глобалните односи
  • Да ја анализираат и критички да промислуваат за интеркултурните аспекти на глобалниот натпревар, интеркултурната деловна комуникација, позитивните и негативните аспекти на глобалното поврзување, рекомпозицијата на бизнисот, милениумските мегатрендови, начинот на кој ефективните меѓународни и интеркултурни комуникации можат да помогнат во надминување на глобалните проблеми.
 Методи на настава и учење

Во рамките на предметот, покрај методот на настава конципиран како кусо воведно предавање за главните прашања за секоја методска единица, акцентот ќе биде ставен на методот на учење, односно активно учество на студентите преку дискусија и полемика за сите релевантни аспекти на предметната материја, поделба на студентите на групи кои ќе бранат (застапуваат) различни, спротивставени ставови (на пример, хиперглобалисти наспроти трансформационисти; поддржувачи на глобална економија наспроти скептици; локална наспроти глобална култура), куси практични задачи – решавање на конкретни проблеми (медијација), играње на улоги во различни културни средини и слично.