Студиски програми

Студирањето на Институтот за комуникациски студии претставува многу повеќе од серија на предмети. Наставните програми се разликуваат во комбинирањето на предметите, имајќи ги предвид различните цели на двете студиски области и различниот образовен фокус на двата студиски профила. ИКС ти обезбедува богат избор на содржини кои се најсоодветни за твоите професионални потреби и желби. Совладај ги клучните основи на стратегиските комуникации, дигиталните медиумски конвергенции, менаџментот, претприемништвото и аналитичкото размислување преку нашите задолжителни предмети. Избери од широката палета на специјализирани предмети за да го продлабочиш своето знаење и да ги задоволиш твоите кариерни интереси и предизвици.

strategiski komunikacii zzzz         mediumi multimedija z z

 

Спој на теоријата со глобалните трендови
Двете студиски програми се конципирани за да им обезбедат на нашите постдипломци образование кое соодвествува на нагласените и брзите општествени промени во областа на комуникациите и медиумите. Курикулумите ги поврзуваат реалните состојби и барања на професиите за кои студентите се усовршуваат, правејќи спој на најмодерните теории и истражувања со потребите и предизвиците на индустријата и јавниот сектор. За таа цел, ИКС одржува квалитетни односи со бизнис заедницата и јавните институции од кадешто се користи искуството на реномирани професионалци и лидери во општеството кои се вклучени во предметните проекти и наставата како стручњаци од практиката.

Прогресивни методи на учење
Предметите се структурирани според концептот „учење за знаење“ и јасно ги дефинираат очекуваните знаења, разбирања и способности за анализа, критичка евалуација и креативна примена на стекнатото знаење. Наставата претставува комбинација од предавања, практични сесии, индивидуално изучување на теоријата и работа на конкретни задачи и проекти кои произлегуваат од реални ситуации на индустријата.

Во текот на наставата, ќе бидеш вклучен во проекти фокусирани на услуги кон реални клиенти, во тимови со останатите студенти и под менторство на нашите етаблирани професори и на успешни бизнис лидери. Доминантниот метод на „решавање на проблеми“ ќе ти овозможи да ги артикулираш своите предизвици, да дизајнираш сопствени стратегии, да истражуваш и синтетизираш различни ресурси и да понудиш решенија преку дискусии. Наставата вклучува и самостојно спроведување на истражувања и пишување на академски есеи.

Интранет системот ќе ти овозможи користење на онлајн ресурси и учење во виртуелна училница, одлична комуникација со професорите и со секторот за наставна програма и постојана информираност за сите активности во текот на наставата.

Меѓународни стандарди
Дел од наставата се спроведува од меѓународно истакнати професори и професионалци од партнерските универзитети од странство преку развиена веб платформа за следење на наставата од далечина. Студиските програми се реализираат во рамки на Катедрата на УНЕСКО за медиуми, дијалог и заемно разбирање. Наставните програми се креирани во соработка со професори и експерти од Универзитетот за применети науки Виндесхеим во Холандија, Данската школа за медиуми и новинарство и Универзитетот во Кардиф, Велика Британија.

Диплома
Студиите се организирани според Европскиот кредит трансфер систем (ЕКТС). Со завршувањето на магистерските студии, постдипломците добиваат 60 ЕКТС на едногодишните студии, односно 120 ЕКТС на двегодишните студии и диплома со стекнат назив „магистер по менаџирање на стратегиски комуникации“, односно „магистер по менаџирање на медиуми и мултимедија“.