ИКС го спроведува проектот „ДигитАКТ: Комуницирање за промени" кој има цел да ги развие капацитетите на граганските организации за ефикасно остварување на својата улога на чувари на јавниот интерес и застапници на интересите на граѓаните преку интерактивна комуникација и соработка со граѓаните и целната публика. Проектот ќе им помогне на граѓанските организации да ги доусовршат вештините и знаењето за комуникација со граѓаните и со медиумите преку дигитални медиуми, со цел информирање и мобилизирање на нивните целни публики и граѓаните за промовирање на јавниот интерес.

Граѓанските организации ќе добијат вештини и надградено знаење за утврдување на својата целна публика на дигиталните медиуми, техники за комуникација со целната публика на социјалните медиуми, но и за брзо мобилизирање на поддршка од граѓаните за различни иницијативи од јавен интерес. Проектот ќе ги утврди слабостите на граѓанските организации во нивната досегашна комуникација со целната публика, граѓаните и медиумите и ќе посочи на најдобрите практики кои организациите ќе можат да ги применат во своите стратегии за комуницирање.

Проектот ќе понуди и анализа на најчесто користените алатки и методи преку кои граѓанските организации комуницираат со медиумите и граѓаните, како и за начините на кои можат да ги користат дигиталните медиуми за подобро да ги презентираат своите приказни и дејност во јавноста. Преку спроведување на обуки и менторство, граѓанските организации ќе ги прават повидливи резултатите од нивната работа и ќе можат да влезат во дискусија со граѓаните и засегнатата јавност.

Во рамки на проектот ќе бидат креирани и ресурси за дигитални комуникации во граѓанскиот сектор кои ќе бидат отворени за пристап од страна на сите заинтересирани страни, и кои граѓанските организации ќе можат веднаш да ги применат во своите комуникациски стратегии.

Проектот „ДигитАКТ: Комуницирање за промени“ e поддржан од програмата за поддршка на граѓанското општество Цивика Мобилитас.