fbpx

 

 

За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

ИКС доби признание за граѓанска победа во полето на урбанизмот

Институтот за комуникациски студии (ИКС) е добитник на годишното признание од МАРХ Македонска архитектура посветено за зголемување на видливоста на проблемите во областа на урбанизмот пред пошироката јавност и за постигнување влијание за промена на состојбите.

„За 2021 година, признанието се доделува на Институтот за комуникациски студии за зголемувањето на видливоста на темите кои го засегаат МАРХ пред пошироката јавност, преку заеднички разработените објави кои придонесоа кон најголемата професионална и граѓанска победа во полето на урбанизмот – Распишувањето на Меѓународниот конкурс за Расадникот во Кисела Вода“, пишува во образложението на МАРХ.

ИКС известуваше за темата „Расадникот на можности растргнат од лакомоста за профит“ преку неговиот специјализиран веб портал за животна средина Дома.

„Едни на барикадите за хуман живот и за запирање на бетонизацијата, други бараат повеќе згради и катови за повеќе пари. Скопје во Расадник може да го добие својот „Хајд Парк“. Попречувањето на ружата на ветрови којашто поминува оттука може засекогаш да го „загуши“ главниот град во загадениот воздух. Архитектите бараат јавен конкурс за просторот од јавен интерес наспроти ДУП што ќе ја преплави Кисела Вода со илјадници нови жители. Општината се правда – немаме пари да ги обесштетиме сопствениците за да направиме парк. Битката за „Расадник“ е последната битка за хумано Скопје“, пишува во новинарскста сторија.

ИКС досега има соработувано со веб порталот МАРХ и на други теми од областа на урбанизмот кои директно го засегаат квалитетот на животот на граѓаните.

Признанието беше доделено на ИКС по повод осмиот роденден на МАРХ кој го одбележа минатиот месец. Овој портал секоја година доделува признанија на оние кои придонеле во нивната, но и заедничка мисија.